Утрински Весник
Македонија

Се градат четири моста во населените места во Виничко

Се градат четири моста во населените места во Виничко

Виница, 5 јули 2019 (Утрински Весник) – Во општина Виница во тек се градежни работи за изградба на уште два од планираните четири моста во селата Лаки, Пеклани и Истибања, каде состојбата со патната мрежа е најкритична. Се работи за армирано-бетонски мостови, што треба да обебедат поголема носивост за земјоделската и друга механизација.

Според градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, кој направи увид во градежните работи на мостот во селото Пеклани, трошоците за реализација на сообраќајната инфраструктура целосно се покриени од општинскиот буџет.

– Ова е една од инвестициите што ги започнавме минатата година, а за што вложуваме околу 2,5 милиони денари од буџетот на Општина Виница. Двата моста во Лаки се веќе завршени, а во тек е изградбата на столбовите и носечкиот дел за мостот во селото Пеклани. Наскоро изведувачот на работите ќе ја започне и изградбата на мост во месноста Јанечки Дол во селото Истибања, истакна градоначалникот Димитров.

Со изградбата на двата моста во селото Лаки е подобрена и олеснета сообраќајната комуникација и поврзаноста на населението од неколку маала во населбата.

Новите мостови во Пеклани и Истибања се со вкупна должина од 25 метри и широчина од четири метри и треба да го олеснат пристапот до обработливото земјоделско земјиште. та/цр/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Инфлуенсерката Маја Миа од Охрид пронајдена мртва во Африка

Мртво тело најдено покрај Лепенец во Орман

Две лица ограбени во Градскиот парк