Утрински Весник
Македонија

Семинар за народните инструменти и песни пред почетокот на фестивалот „Пеце Атанасовски“

Семинар за народните инструменти и песни пред почетокот на фестивалот „Пеце Атанасовски“

Прилеп, 4 јули 2019 (Утрински Весник) – Во пресрет на почетокот на 45. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што на 5 и 6 јули ќе се одржи во Прилеп и на Рудина кај Долнени, деновиве се одржа Семинарот за изучување на народните инструменти и песни. Тринаесет млади учесници истражуваа, ги осознаваа инструментите и песните кои народот ги создавал низ вековите и се дел од богатото културно и фолклорно наследство на овие простори.

Оваа година семинарот е насловен „Доближувањето на младите до фолклорот“, а работата е поделена  на неколку етапи. Горан Василески, магистер по фолклористика и водач на семинарот, вели новост е теренско истражување во неколку села во општина Долнени каде младите се запознале со традиционалните песни и инструменти, а повозрасните им објаснувасле на младите за фестивалот, за традиционалните инструменти и песни, за обичаите, народните носии, сѐ со цел тие  потемелно да навлезат во традицијата и во фолклорот.

– Посетивме неколку културно-уметнички друштва. На пример, КУД „Пенка Котеска“ од Прилеп ни излезе во пресрет и присуствувавме на нивната проба, ги слушавме изворните песни од регионот Прилеп-Мариово. Денеска имавме средба со изработувачот на народни инструменти, мајсторот Љубен Јуртовски, за да видиме директно како се изработуваат гајдите, тапаните, зурлите и кавалите, изјави Василески, објаснувајќи дека на затворањето на фестивалот, во Долнени, на Рудина, в сабота семинаристите ќе настапат со она што го научија, главно, тука е „химната“ на Долнени и на фестивалот – песната „Отидов село Долнени, де“. Учесниоците на семинарот, младите, ќе настапат со помош на КУД „Пенка Котеска“.

Василески се надева дека младите и наредните години повеќе ќе се интересираат за изворниот мелос зашто овој сменинар е единствен од ваков карактер каде не се плаќа партиципација и учесниците добиваат максимум од познавањата на изворниот мелос.

-Семинарот се одржува 10-ина години. Се трудиме да има континуитет, без разлика колкави се средствата и ќе настојуваме во иднина да продолжи оваа традиција која директно е врзана со зачувувањето на богатиот македонски изворен фолклор. Има доста млади заинтересирани, кои сакаат д го изучат фолклорот. Секако, добредојдена е помошта од државата, од Министерството за култура и од сите извори да се зачува богатиот фолклор и да се пренесе на новите генерации. Сакавме да ги анимираме Македонците во Гора, во Мала Преспа, но се зависи од финансиските средства, додаде Василески.

Младите велат дека треба да се возобнови интересот за фолклорот кој последниве години кај новите генерации стагнира. Младиот Борче Нунески, семинарист, 10 години игра во КУД „Мирче Ацев“.

– Вљубеник сум во Фолклорот. Играорец сум 10 години. Сега сакам да научам да свирам на гајда. Има млади кои се интересираат, но, за жал, сѐ  е во изумирање. Не знам, ама треба да се подигне љубовта спрема фолклорот, вели Нунески.

Десетгодишниот Давор Петкоски го сака фолклорот и играњето народни ора.-Имам 10 години. Одам во КУД „Мирче Ацев“ во Прилеп седум години. Учествувам на овој семинар. Пееме и истражуваме народни песни. Свириме и истражуваме, вели Петкоски

Според секретарот на фестивалот „Пеце Атанасовски“, Златко Лаашкоски,  сѐ зависи од инетересот на државата и дека токму нивниот фестивал се труди да ги зачува традицијата, изворниот мелос.

-Во 1974 година кога почна фестивалот во Долнени имаше 100-ина гајдаџии, денеска нема ниту еден. Токму тоа е нашата мисија – да ја вратиме љубовта кон извпрниот мелос. А се надеваме овој семинар, кој стана традиција, ќе го стори тоа. Волја е на државата – ако се дотираат повеќе средства – ќе има поголема желба за зачувување на изворниот мелос. Ние сакавме на семинарот да имаме пет професори, над 30 учесници кои 10 дена ќе работат со семинаристите за изучување на народните иснтрументи и песни. Но, се зависи од средствата. Се надевам дека за ова народно културно богатство во иднина ќе има слух, објаснува Лашкоски.

Фестивалот „Пеце Атанасовски“ официјално почнува утревечер со дефиле на учесниците во центарот на Прилеп, со првата вечер на изведувачите на народни инструменти и песни на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп. В сабота е трибината со етномузиколози за изворниот мелос некогаш и денес, промоција на зобрник со научни трудови, а вечерта в сабота на Рудина кај Долнени, е втората фестивалска вечер, прогласувањето на најдобрите и врачувањето на наградата „Гајдата на Пеце Атанасовски“ на најдобриот гајдаџија. На Фестивалот ќе учествуваат околу 350 изведувачи од сите краишта на земјава. ем/хс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ВРМО-ДПМНЕ: Не видовме план од Ковачевски, туку реакција на претходна понуда на Мицкоски

Министрите повеќе нема да можат да јадат лигњи и октопод, Ковачевски забрани морска храна

Пендаровски во посета на Прилеп во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“