Утрински Весник
Македонија

Самит во Познањ: Западен Балкан со европска перспектива, но и со нерешени прашања

Самит во Познањ: Западен Балкан со европска перспектива, но и со нерешени прашања

Скопје, 3 јули 2019 (Утрински Весник) – Западен Балкан, европската перспектива на шестте земји и соработката меѓу нив ќе биде во фокусот на Самитот во полскиот град Познањ на кој е најавено присуство на шефови на влади, министри, претставници на невладини организации од шестте балкански држави и од неколку западноевропски земји.

Се очекува земјите-членки на Европската унија, учесници на Самитот, како што се Германија, Австрија, Италија, Полска и Бугарија да се обидат да ја поттикнат соработката меѓу Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, наспроти конфликтите и нерешените прашања што постојат меѓу одредени држави. Ќе се разговара за заедничките инфраструктурни проекти, за научната соработка, заемното признавање на дипломите, размената на млади и олеснувањата во трговијата, како што се заеднички царински премини.

Најавено е присуство на германската канцеларка Ангела Меркел на чија иницијатива во 2014 година беше покренат Берлинскиот процес со цел да се забрза дијалогот и можноста за соработка меѓу државите од Западен Балкан.

Според Меркел, регионот на Западен Балкан има европска песпректива, но постојат уште многу други предизвици што треба да се надминат. Во своето обраќање пред Самитот во Познањ, германската канцеларка оцени дека денес состојбата во Западен Балкан е мирна, но оти патот е и понатаму трновит.

Сепак, според неа, во регионот на Западен Балкан има позитивни примери на решавање на конфликти како што е случајот со Северна Македонија и Грција.

– Спорот траеше со години и врз основа на политичката храброст на премиерите на Северна Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, конфликтот е успешно решен, така што се отвора перспектива за почеток на пристапните преговори и за вклучување во НАТО. Таквите позитивни примери би требало да не охрабрат да ги решаваме проблемите и во Босна и Херцеговина и помеѓу Србија и Косово, смета Меркел.

Сепак, Европската унија не е едногласна во поглед на европската перспектива на Западен Балкан. Неодамна францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ќе се заложи да нема проширување на Унијата пред да се направат внатрешни реформи во Унијата.

На Самитот во Познањ ќе учествува и премиерот Зоран Заев. Во рамки на самитот денеска ќе има форум, а утре и Бизнис форум ЕУ-Западен Балкан и Форум на цивилното општество.

Според на најавите од организаторите, на крајот на собирот в петок, предвидена е заедничка прес-конференција на германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите на Полска, Матеуш Моравијецки, на Северна Македонија, Зоран Заев и на Бугарија, Бојко Борисов.бак/са/ 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерката Петровска на безбедносен форум во Црна Гора – ќе се дискутираат прашања за регионалната безбедност

Сончево време со температура до 26 степени

ВМРО-ДПМНЕ денес ќе достави измени на законот за здруженија