Утрински Весник
Македонија

Реконструкција на две куќи на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака” од Неготино

Реконструкција на две куќи на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака” од Неготино

Неготино, 12 јуни 2019 (/) – Почна реконструкцијата на две куќи на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака” од Неготино, со волонтерски тимови на вработени во Saint-Gobain, Хабитат Македонија и Центарот.

Во куќите престојуваат 20 лица кои се деинституционализирани. Реконструкцијата подразбира поставување енергетски ефикасна фасада, внатрешни поправки и целосно подигање на квалитетот на условите за живеење.

– Нашата компанија е многу горда што може да придонесе за енергетски ефикасни и еколошки прифатливи живеалишта за подобрување на животот на локалното население. Ние веруваме дека здравите домови имаат голема општествена вредност и се надеваме дека нашата донација и овој волонтерски ден би ги мотивирале и другите компании исто така да се приклучат и да придонесат кон позитивни општествени промени, нагласи Валер Зомбори, главен извршен директор во Saint-Gobain за земјите од регионот, кој исто така волонтира во Неготино.

Заменик-директорот за програмата на Хабитат Македонија, Лилјана Алчева изрази благодарност за одобрениот проект.

– Центарот успешно работи петнаесетина години и досега има направено многу за нивната целна група. Ова ќе биде уште еден придонес кон тоа поддршката кон овие лица да биде уште поголема, рече Алчева.

Ова е  втора ваква донација на компанијата Saint-Gobain, која преку Фондацијата Saint-Gobain Initiatives во рамки на овој проект ќе донира 37.500 евра, а Хабитат Македонија се вклучува со сопствен удел во вредност од 14.000 евра. Со оваа донација и реконструкција директно се поддржуваат напорите на Порака – Неготино, да овозможи пристојни животни услови за лицата со ментален хендикеп надвор од институциите, овозможувајќи им полесна интеграција во заедницата, како и можности за самоодржливост и продуктивност на овие лица. Дополнително, подобрувањето на енергетската ефикасност на куќите ќе овозможи и пониски трошоци за електрична енергија на оваа заедница, а воедно ќе придонесе до намалување на емисијата на јаглерод диоксид.

Во рамки на поддршката на Порака – Неготино, овој проект предвидува и обезбедување на печатач за текстил и керамика, со цел да се поддржи работната терапија и економските активности на 43 корисници, за да можат да продуцираат сопствени средства за поддршка на интегрираното живеење. Во реализацијата на проектот предвидено е и интеграција на младите, односно вклучување на студенти од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје.

– Оваа поддршка е од исклучително значење на нашата организација Порака – Неготино, а пред сѐ за нашите корисници – лицата со посебни потреби, кои веќе неколку години ги деинституционализираме преку нивно сместување во станбени заедници. Подобрувањето на условите за живот преку реконструкција и подобра енергетска ефикасност на објектите, секако е од исклучително значење за станарите во овие објекти, а донацијата на печатачот ќе помогне во нивната понатамошна инклузија во заедницата, се осврнува за значењето на оваа донација, истакна претседателот на Центарот „Порака“ во Неготино, Гордана Трајковска.

Проектот „Реконструкција и енергетска ефикасност на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп Порака – Неготино“ се планира да заврши во период од една година, а Saint-Gobain и Хабитат Македонија преку овој проект сакаат да ги зајакнат капацитетите и потенцијалите на ранливите категории, нивната интеграција во локалната заедница,  демонстрирајќи огромни залагања во подобрување на условите на живеење, обезбедувајќи енергетска ефикасност, но и поддршка во справувањето со социјалните предизвици и активирање кон самоодржливост на социјално ранливите групи. Соработката на двете институции почна пред две години со првата донација, преку реализацијата на проектот за обезбедување на енергетска ефикасност за Здружението на пензионери во Кавадарци. свд/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Приведени разбојници во Скопје, следува кривична пријава

Претрес во Битола, пронајдена дрога, приведен дилер

ВМРО-ДПМНЕ: Дали компанија од соларниот картел на Ковачевски со државна помош гради фабрика за панели кои потоа ќе ги продава на ФЕЦ Осломеј