Крива Паланка, 25 јуни 2019 ( /) – Распишан е конкурсот за избор на детски песни за фестивалот „Распеано симитче“. Организаторот, здружението „Центар за аудиовизуелни уметности“ со поддршка од општина Крива Паланка го распиша конкурсот за избор на песни кои ќе бидат дел од репертоарот на годинашното издание на фестивалот што беше возобновен минатата година.
– Фестивалот ќе се одржи во втората половина на ноември во Крива Паланка и ќе донесе 15 нови детски песни. На конкурсот можат да учествуваат сите домашни автори, композициите што ќе бидат испратени на конкурсот треба да бидат лесно прифатливи, современи детски песни и да не биле претходно јавно објавувани и изведувани. Конкурсната пратка треба да содржи нотен текст со впишан текст и хармонски симболи, текст, демо снимка и име на авторот на музиката и текстот, информираат од Центарот за аудиовизуелни уметности.
Организаторот го задржува правото на евентуални корекции на избраните творби и нивно аранжирање, а со авторите чии дела ќе бидат избрани на конкурсот ќе склучи договор согласно кој ќе исплати авторски надомест за песните.
Со склучување на договорот, авторите имаат обврска на организаторот да му ги пренесат правата за прво јавно изведување, за радиодифузно емитување, тонско и видео снимање, умножување и продажба на носачи на слика и звук, објавување на тонските и видео записи на интернет и друго, како и право организаторот некои од овие права да ги пренесува на трети лица.
Конкурсот е отворен до 30 јуни 2019 година, електронски на [email protected] или по пошта на „Здружение за аудиовизуелни уметности “ со назнака „Распеано симитче 2019“. ид/мс/