Утрински Весник
Македонија

Работилница за развој на туризмот во Крушево

Работилница за развој на туризмот во Крушево

Крушево, 9 јули 2019 (Утрински Весник) – Работилница „Ресурси и потенцијали на Крушево за активен туризам“ со угостителскиот сектор се одржува во Крушево во рамки на потпроектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево“.

Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски истакна дека инвестирале во туризмот и повика на меѓусебна соработка за поголем развој на оваа главна гранка во градот.

-Во рамките на овој проект посетивме неколку меѓународни саеми, набавивме комбе и АТВ четирицикл за превоз на параглајдеристи, учесници на меѓународните првенства, ја реконструираме спортската сала со проширување на нејзината намена, поставуваме сувенирници, информативни табли и обележуваме велосипедски патеки во должина од 42 километри. Ја подобруваме инфраструктурата за туризам која очекуваме да резултира со повеќе туристи, повеќе работа и профит за вас од угостителството и генерално за подигнување на локалниот економски развој. Активностите во инфраструктурата и за подобрувањето на условите во туризмот се во вредност од 944 илијади евра, вели Христоски.

Во текот на вчерашниот прв ден од работилницата предавачот Науме Мариноски, професор од Факултетот за туризам во Охрид одржа две интерактивни сесии со присутните од угостителскиот сектор за можностите за активен туризам во Крушево. Денеска на вториот ден од работилницата, предавач е професорката од Факултетот за туризам Иванка Несторовска. На работилницата учествуваат претставници на ресторани, пицерии, хотели, здруженија на граѓани и други туристички работници.

Ова е првата од трите работилници што ќе се одржат во рамките на проектот за локална и регионална конкурентност, финансиран од ЕУ, имплементиран од канцеларијата на заменик- претседателот на Владата за економски прашања, едницата на проектот за локална и регионална конкурентност и од општина Крушево. ем/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петровска ги посети војниците кои се дел од силите на НАТО во Бугарија

Министерот за внатрешни е против законот за амнестија

Ковачевски во посета на Дојран