Утрински Весник
Македонија

Пуштена во употреба станицата за пречистување на отпадни води во Кочани

Пуштена во употреба станицата за пречистување на отпадни води во Кочани

Кочани, 12 јули 2019 (Утрински Весник) – Во Кочани денеска беше пуштена во употреба новоизградената станица за пречистување на отпадните води од фекалниот колекторски систем.

Објектот, чија вредност е околу 23 милиони швајцарски франци, се градеше во изминатите две години со финансиска поддршка од Швајцарија, што е најголемата донација на оваа држава во областа на екологијата кај нас.

На свеченоста на која присуствуваа владини претставници предводени од премиерот Зоран Заев, претставници од швајцарската амбасада, градоначалници од регионот и други гости, беше истакнато дека е завршен капитален објект во кој ќе се применува најсовремена технологија за пречистување и третман на отпадните води.

– Заедничкиот ангажман, поддржан преку помошта од Швајцарскиот државен секретаријат за економски работи – SECO, е од суштинско значење за да ги постигнеме европските стандарди и за побрзо да ја изградиме Северна Македонија во држава според европските вредности. Ќе продолжиме да учиме и применуваме искуства од европските земји во управувањето со ваков тип на врвни технологии, зошто ваквите заеднички иницијативи се јасен пример зошто Европа ја носиме тука, дома, низ убавите градови на нашата земја. Успешното и брзо заокружување на овој проект покажува дека Северна Македонија го фати европскиот чекор, истакна премиерот Заев.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада искажа задоволство што градежните работи на пречистителната станица се завшршени во планираниот рок и што жителите од регионот ќе добијат важен капацитет за обезбедување здрава животна средина.

– Пречистителната станица пред нас е само дел од една успешна приказна зад која стојат луѓето и нивната работа, а ние имавме одлични партнери на локално ниво. Граѓаните на Швајцарската Конфедерација го делат истиот сон со овдешното население, сон за чиста река Брегалница и за повторно воспоставување на рамнотежата на водните еко-системи. Тоа е сон за подобри еколошки услови во регионот и сон што ќе ја приближи Северна Македонија до семејството на Европската Унија. Задоволство е да се види дека сонот, или барем, дел од него, се оствари, истакна амбасадорката Тејада.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев од име на граѓаните на Општината и регионот упати благодарност за финансиската помош и довербата на швајцарската Влада за изградба на овој капитален објект.

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули најави дека по изградбата на филтер-станицата во Кочани, веќе се подготвени проекти за исти објекти за Штип и Велес за што би се користеле средствата од ИПА-3 програмата, а идната година Владата и Министерството за живота средина и просторно планирање ќе ја почнат изградбата на најголемата пречистителна станица во нашата држава, во Скопје.

Пречистителната станица кај Кочани е на површина од 11 хектари, лоцирана кај селото Мојанци, на најниската гравитациска точка на вливот на Оризарска Река во Брегалница и ќе ги прочистува водите од девет фекални испусти од селата Оризари до Подлог. та/см/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ: Во време на криза училиштата не смеат да се затвораат, општините да ги редефинираат приоритетите

108 санкционирани возачи во Скопје

Без струја делови на Аеродром, Кисела Вода и Карпош