Утрински Весник
Македонија

Публикација: ЕУ ризикува да го загуби влијанието во Западен Балкан, ако не ги вреднува напорите на земјите

Публикација: ЕУ ризикува да го загуби влијанието во Западен Балкан, ако не ги вреднува напорите на земјите

Скопје, 13 јуни 2019 (/) –  Доколку земјите од Западен Балкан престанат да ја гледаат пред себе перспективата за членство во Европската унија, можниот датум 2025 година, ќе бидат демотивирани да спроведуваат реформи, да решаваат билатерални спорови, ќе немаат мотив да се менуваат, а Унијата ќе го загуби своето влијание во регионот, е заклучокот од денешната презентација на публикацијата „Решавање на билатералните прашања во Западен Балкан: Улогата на ЕУ и Берлинскиот процес“, организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

Унијата е успешна во регионот кога политичарите и општествата веруваат дека тоа што од нив се бара да го сторат ќе им овозможи просперитет. Кога Унијата е јасна во своите побарувања и со конкретни и директни мерки ги вреднува напорите на шестте земји од Западен Балкан политичарите и општествата се инспирирани да продолжат со спроведување на реформите и исполнување на европските услови, без разлика колку се тешки или контроверзни.

-Ако ги земеме предвид последните случувања во Северна Македонија, прашањето е како ЕУ ќе може натаму да влијае во регионот на Западен Балкан. Прво што треба во моментов да направи е да отвори преговори со Северна Македонија, тоа ќе биде политички сигнал дека одговара на напорите на земјата. Тоа треба да се случи за неколку месеци, максимум за шест, истакна Аднан Ќеримагиќ, аналитичар од Европската иницијатива за стабилност и еден од авторите на публикацијата.

Нагласи дека Унијата мора да биде постриктна кога ги изразува своите ставови и барања и додаде дека последна работа што Северна Македонија сака да се случи е да не биде вреднувано тоа што го стори изминатите две години.

Ќеримагиќ состојбата ја анализираше низ случајот Белград-Приштина, потсетувајќи дека откако на 19 април 2013 година двете земји го постигнаа познатиот Бриселски договор за решавање на косовското прашање, на 22 април ЕК препорача отворање преговори со Србија. Унијата потоа закочи и побара од Белград и Приштина Акциски план за спроведување на договореното, кој беше донесен, а потоа беа отворени и преговорите, а во летото следната година почна Берлинскиот процес со цел да се забрза процесот на интегрција на земјите од Западен Балкан во Унијата.

-И ако гледате од тогашната перспектива многумина тогаш сметаа дека Косово и Србија наскоро ќе направат некој прогрес, а за прашањето за името меѓу Македонија и Грција сметаа дека тешко ќе се реши во догледно време, додаде тој.

Љупчо Петковски, извршен директор на Евротинк изјави дека  Договорот од Преспа не бил прифатен на ист начин кај двете држави, пред се затоа што Грција е земја членка на ЕУ, а Северна Македонија не е. Сепак, во договорот проблемите помеѓу двете држави се решаваат на многу креативен начин.

Нагласува дека Северна Македонија се откажа од античката историја која беше многу важна за Грција, 80 отсто од проблемите беа поврзани со историјата, најмногу за Александар Велики и прашањето беше дали двете држави имаат легитимно право да се користат со античката историја.

-Од друга страна пак, идентитетот е чувствителна точка за нашата држава. Идентитетот исто така беше решен на креативен начин со договорот од Преспа, во членот 7, каде државите се согласија да се регулира значењето на „Македонец“, „македонско“, „Македонија“ за мир во иднината помеѓу двете земји, додаде Петковски.

Вели генерално и двете земји беа против договорот, нашата била повеќе „за“, но не затоа што и се допаѓаше договорот туку поради нејзина ингеренција за влез во ЕУ и НАТО.

-Сите ние бевме фокусирани на очекуваниот почеток за преговори со ЕУ. Од друга страна пак, народот во Грција беше бунтовнички настроен и на никаков начин не го прифаќаше договорот од Преспа. Генерално, и двете земји направија голем политички исчекор. Ципрас и Заев го искористија договорот да го освојат политичкиот простор, затоа што тие и двајцата се од редовите на левицата, Заев против долгогодишните националисти односно ВМРО-ДПМНЕ кои го контролираа просторот и чувството на луѓето речиси една декада, а Ципрас за да го освои политичкиот простор во Грција, нагласи Петковски.

Зоран Нечев, Раководител на центарот за европски интеграции од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје нагласи дека ЕУе успешна приказна за Западниот Балкан, кога политичарите и општеството веруваат дека она што им е кажано да го прават ќе ги доведе еден чекор поблиску до подобро општество.

-ЕУ е успешна кога точно се знае што таа очекува од Западниот Балкан и кога наградата е брза и достапна. Само тогаш ЕУ може да ги инспирира политичарите и општествата од Западниот Балкан за реформи и исполнување на условите, додаде Нечев, кој е коавтор на публикацијата.

Во моментот во голема мера односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, се вели во публикацијата, остануваат нерасчистени. Имајќи ја предвид комплексноста на внатрешните и надворешните предизивици со кои се соочува Унијата има малку надеж дека наскоро работите ќе се подобарт.

Три работи, според публикацијата се сигурни –  прво дека во овој момент нема консензус меѓу членките за давање чист датум за членство на шестте земји од Западен Балкан, второ дека нема консензус за отфрлање на членството на овие земји и трето дека има подготвеност од ЕУ да ги поддржува сите шест земји во надминување на јазот меѓу Унијата и регионот.

Ова е реалноста со која ќе се соочи претстојниот Самит на Берлинскиот процес, што ќе се одржи во Познан, кој како што велат авторите на публикацијата Ќеримагиќ и Нечев, ќе се искористи како платоформа за искрена размена на гледиштата. бт/ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ВРМО-ДПМНЕ: Не видовме план од Ковачевски, туку реакција на претходна понуда на Мицкоски

Министрите повеќе нема да можат да јадат лигњи и октопод, Ковачевски забрани морска храна

Пендаровски во посета на Прилеп во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“