Утрински Весник
Македонија

Промовирано првото издание на возобновеното научно списание „Безбедност“

Промовирано првото издание на возобновеното научно списание „Безбедност“

Скопје, 1 јули 2019 (/) – Во Домот на Армијата во Скопје денеска е промовиран првиот број од возобновеното меѓународно научно списание на МВР „Безбедност“.

Возобновувањето на списанието, сега како меѓународно научно списание „Безбедност“ доаѓа по повеќе од две децении во кои Министерството за внатрешни работи немаше свое научно ниту стручно списание. Меѓународниот уредувачки одбор ги запази процедурите на издавање и ги доби потребните согласности да се продолжи традицијата од поранешното списание на МВР, па возобновеното списание ќе ја продолжи долгата традиција и ќе продолжи да излегува во 59 година од објавувањето.

– Свесни за потребата од поконкретно поврзување на теоријата и практиката, во сфера исклучителна по важност – како што е безбедноста, после неколкумесечни подготовки, сега имаме готов производ, кој што како дополнителна и корисна алатка треба не само да ги презентира овдешните, но и светските искуства во разните области од безбедноста и полициското работење туку истовремено, да биде и медиум преку кој што ќе се промовираат новите научни, стручни, професионални идеи и достигнувања отворени како за домашната и меѓународна академска јавност, така и за широката читателска публика, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Додаде дека овој издавачки потфат, меѓу другото, има за цел да ја демонстрира отвореноста и подготвеноста на Министерството за внатрешни работи кон конкретно ангажирање на стручната мисла, искуства и практики во своето секојдневно работење. – Дотолку повеќе што следењето на научните трендови од областа на безбедноста, со сета нејзина интердисциплинарост, е особено важно во процесот на востановување на ефикасен функционален континуитет на секоја безбедносна служба, посочи Спасовски.

На промоцијата се обрати и поранешниот претседател на уредувачкиот одбор на Ревијата за криминалиситика, криминологија и кривично право, пензионираниот професор Љупчо Арнаудовски, кој се присети на времињата во кои списанието „Безбедност“ беше едно од најчитаните научно-стручни изданија и имаше силно влијание во министерството, особено во годините пред и по осамостојувањето од поранешната СФРЈ.

Главниот и одговорен уредник проф. д-р Никола Дујовски зборуваше за идејата за возобновување на списанието, се заблагодари на членовите на Меѓународниот уредувачки одбор и на раководството на министерството за отворената и професионална соработка и издржаните предлози кои доведоа до тоа да имаме издание со кое сите ќе се гордееме. Според одлуката на уредувачкиот одбор, првиот број на списанието има ревијален карактер и ги претставува различните организациони единици во министерството, со бројни предлози и идеи за подобрување на функционирањето во министерството.

– На овој начин го доближуваме списанието до вработените во МВР кои ќе имаат можност и во иднина да објавуваат, но и да прочитаат за значајни активности поврзани со полициските активности. Исто така, списанието дава многу корисни информации за пошироката читателска публика и претставува одлична можност за доближување до јавноста која ќе има можност постојано да се информира за новините и приоритетите на министерството, рече Дујовски.

Покрај печатеното, списанието ќе има и електронско издание, кое е веќе објавено на веб страната на министерството и кое ќе биде лесно достапно за сите заинтересирани читатели. цр/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

124 казни за брзо возење на територија на СВР Битола

Маја Морачанин повторно избрана за претседател на ДОМ

Утре наутро блокада на крстосницата кај „Мавровка“