Утрински Весник
Македонија

Промовирана трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти“ на Свето Стаменов и Трајан Гоцевски

Промовирана трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти“ на Свето Стаменов и Трајан Гоцевски

Скопје, 27 јуни 2019 (/) – Во Домот на АРМ во Скопје вечерва беше промовирана трилогијата „Македонски безбедносни лавиринти“ на Свето Стаменов, политиколог,  публицист и новинар на Македонското радио – Радио Скопје, и на Трајан Гоцевски, универзитетски професор и поранешен декан на Филозофскиот факултет во Скопје, експерт од областа на одбраната и безбедноста и прв цивилен министер за одбрана и член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија. Во трите книги од трилогијата на 1.200 страници се објавени 49 интервјуа кои биле емитувани на програмите на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од 2006 до 2018 година.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека со оваа трилогија јавноста добива можност да се запознае со низа суштински прашања од повеќе области на внатрешната политика, на безбедноста и обраната, но и за некои примарни интереси на државата и надворешно-политички теми..

– Како комбинација на новинарски светоглед и академско искуство и промисла пред нас е сублимиран периодот од 2006 до 2018 година. Период кој не само за нашата држава, туку и на регионално, па и пошироко глобално рамниште, исполнет со нови геополитички, геоекономски противречности, предизвици и тенденции, авторите Гоцевски и Стаменов систематизираат една хронологија на актуелни настани и процеси. Низ призмата на своите професионални перцепции почитувајќи ја прецизно фактографијата на политичките и други збиднувања претресувајќи ги сите про и контра околности, аргументи, ставови и нудат на јавноста исцрпни согледувања и толкувања за тогашните политички, историски моменти од есенцијално значење за развојот и перспективите на нашата држава, рече Спасовски.

Тој посочи дека оваа трилогија претставува исклучително значајно документаристичко и стручно остварување, како во областа на политиката, безбедноста, одбраната, така и во областа на новинарството.

– Она што особено сакам да го потенцирам е фактот дека оваа трилогија, односно темите разработени во неа сосема сигурно ќе бидат важни одредници за сите оние што во иднина ќе се зафатат со проучување и анализа на низа важни општествени сфери од историскиот развој на независна и самостојна Македонија. Независно дали се работи за безбедносните проблематики, одбрамбените предизвици, внатрешно и надворешно политички позиции, правци ,трендови, додаде Спасовски.

Професорката на Филозофскиот факултет во Скопје, Лидија Георгиева рече дека оваа трилогија претставува емотивно дело во кое авторот ги искажува и своите најкритични и најпозитивни мисли во однос на развојот на нашата безбедносна политика.

– Оваа трилогија дава одгворор на прашањето како малите држави можат да имаат креативни и добри безбедносни политики, како можат да влијаат на меѓународните односи, како можат да придонесат кон безбедносните институции, прашањето што може Македонија да придонесе во НАТО или ЕУ. На ова прашање има многу одговори, дел од нив се дадени во оваа трилогија, посочи Георгиева.

На промоција на трилогијата присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски и ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Никола Јанкуловски. мс/вг/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СДСМ: Ковачевски на маса со европските лидери – Мицкоски изолиран со Апасиев

228 казнети возачи во Скопје

Министерката Петровска на безбедносен форум во Црна Гора – ќе се дискутираат прашања за регионалната безбедност