Утрински Весник
Македонија

Презентирана работната верзија на Стратегијата за родова еднаквост за Делчево, Берово и Пехчево

Презентирана работната верзија на Стратегијата за родова еднаквост за Делчево, Берово и Пехчево

Делчево, 28 јуни 2019 (/) – Преку заедничка стратегија, општините Делчево, Берово и Пехчево ќе ги рушат стереотипите за родовата еднаквост меѓу мажите и жените. Според Бети Толевска од невладината „КХАМ“, во рамки на оваа стратегија, треба најпрвин да се подигне свеста на населението за јазот што постои меѓу двата пола, а потоа тој јаз да биде и избалансиран.

– Стереотипите се уште постојат не само во нашето општество во многу понапредни општества од нашето, еве на пример во пожарното нема вработено жена, за таа разлика во градинката нема мажи негуватели. Тоа се предрасуди кои во догледно време треба да ги надминеме. Со носењето на стратегијата имаме предвидено 12 проекти со чија реализација, најпрвин би се подигнала свеста прво на населението за јазот што се јавува меѓу мажите и жените, а потоа да пробаме и тој јаз да го избалансираме, изјави Толевска.

На презентацијата на нацрт стратегијата за родова еднаквост, како што информира Сузана Петровска од ЕЛС Делчево, беше презентиран и акциониот план за родова рамноправност кој се однесува за општина Делчево.

– Акциониот план беше претставен пред претставници од локалните институции од општина Делчево, кои се главни носители на активностите што сме ги вметнале во стратегијата и во акциониот план. Се надеваме дека Советот на општина Делчево ќе ги усвои овие документи и по стапувањето во сила ќе можат сите институции и невладини организации од општината да ги користат, истакна Петровска.

Стратешките документи се изработени во рамките на проектот„Со стратегија и акциски планови до еднакви можности на жените и мажите во Делчево, Берово и Пехчево“ што е имплементиран од НВО „КХАМ“, а поддржан од Фондацијата „Квина тил Квина“. вс/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Маричиќ: Судската реформа клучна за пристапување во ЕУ, имаме уште за работа

Ковачевски разговараше со потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање во Министерството за финансии на САД

Мицкоски: За само 3 дена од 5-ти до 7-ми декември ЕСМ ќе увезе струја за околу 4.200.000 евра