Утрински Весник
Македонија

Прва генерација дипломирани на  Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје 

Прва генерација дипломирани на  Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје 

Скопје, 8 јуни 2019 (/) –  Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денеска свечено го одбележа завршувањето на првата генерација и на студентите од 2016-2019 им беа доделени дипломите. Ректорот Азиз Положани истакна дека  мисија на Универзитетот е да креира свежа подлога за развој на заедницата.

-Многу млади се движат во погрешна насока,  не поради тоа што тоа го сакаат, туку поради тоа што многу врати им се затворени. Нашата иднина, иднината на нашите деца, на нашите внуци, зависи од тоа што ние ќе го направиме денес, истакна Положани.

Претседателот на Собранието Талат Џафери им порача да продолжат да се школуваат целиот живот бидејќи образованието, рече тој, е континуиран процес и зависи од природата на индивидуата – да биде љубопитна и секогаш да се натпреварува со себеси.

-Ова е мојата порака за вас денес, бидејќи вие денес почнувате нова ера во вашиот живот и кога ќе се вработите, кога и каде и да се вработите, да можете да се надминете себеси, рече Џафери.

На свеченоста се обратија и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу. Османи на дипломираните им рече дека останува предизвикот да се инвестира во знаење и во сопствената надградба и, како што рече, нашата аспирација да ја преточиме и во суштинска промена на нашето општество.

– Да го добиеме местото кое го заслужуваме и кое ни припаѓа, а тоа е да бидеме дел од Европската унија, затоа што ние сме дел од Европа, истакна вицепремиерот Османи.

Од Универзитетот „Мајка Тереза“ информираат дека се зголемува интересот за запишување идни студенти. На  факултетите за градежништво и архитектура, информатички науки, технички науки, технолошки науки и за социјални науки се запишале 1 500, наспроти 218 студенти запишани во 2016 година. хс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Променливо облачно време со температура до 13 степени

Инфлуенсерката Маја Миа од Охрид пронајдена мртва во Африка

Мртво тело најдено покрај Лепенец во Орман