Утрински Весник
Македонија

По повод Павловден отворена изложбата „Виница и Виничко низ фотографии“

По повод Павловден отворена изложбата „Виница и Виничко низ фотографии“

Виница, 10 јули 2019 (Утрински Весник) – Во рамки на одбележувањето на Павловден, празникот на Виница, денеска во Музејот „Теракота“ беше отворена изложбата „Виница и Виничко низ фотографии“.

На изложбата се претставени осумдесетина фотографии од различни временски периоди на дваесеттиот век, низ кои се прикажани економскиот, културниот и социјалниот развој на градот и општината.

– Изложени се фотографии од архивата на нашата установа, како и оние што ги собиравме подолг период, а за што голем придонес дадоа повеќемина виничани. Прикажани се настани, обичаи, луѓе, предели и архитектура коишто се карактеристични за виничкиот крај, а вредно е што дел од објектите што се претставени на фотографиите се во лоша состојба или веќе не постојат. Наша цел е фотографиите да ги зачуваме во оригинална форма за да бидат сведоштво и траен извор на податоци за истражувањата во иднина, истакна Јулијана Иванова, директорка на Музејот „Теракота“.

Меѓу поинтересните стари фотографии, кои имаат посебна историска вредност, се оние на кои е прикажана куќата на Ќазим бег пред да биде опожарена, а која е поврзана со Виничката афера. Исто така, претставен е и локалитетот Виничко Кале во периодот пред да почнат археолошките ископувања во кои беа пронајдени теракотните икони.

Од Музејот „Теракота“ истакнаа дека станува збор за отворена историско-културна збирка, поради што ги повикаа граѓаните кои поседуваат фотографии поврзани со историското минато на Виница и регионот да ги донираат или преотстапат на чување. та/фф/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петровска ги посети војниците кои се дел од силите на НАТО во Бугарија

Министерот за внатрешни е против законот за амнестија

Ковачевски во посета на Дојран