Утрински Весник
Македонија

Под слоганот „И ние можеме“  лицата со попреченост од Велес испратија порака до своите сограѓани

Под слоганот „И ние можеме“  лицата со попреченост од Велес испратија порака до своите сограѓани

Велес, 3 јули 2019 (Утрински Весник) – Членови на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ од Велес,синоќа на интересен настан во Младинскиот парк во Велес преку глума,поезија и танц, до своите сограѓани ја упатија пораката „И ние можеме“.
На  неколку убаво уредени штандови тие на посетителите им претставија свои рачни изработки како и промотивен материјал од над  20 годишната успешна работа на невладината „Порака“. Преку овој материјал тие ги запознаа присутните на настанот со нивните разновидни можности, способности и успеси кои во сите овие изминати години ги реализираа преку голем број на активности и проекти. 
Како што информира за Утрински Весник, Весна Басаров претседател на здружението, нивните активности се насочени кон заложбите за подобрување и унапредување на правата на овие  лицата со интелектуална попреченост, во сите населени места  на Општина Велес.

-„Порака“ сите овие години преку низа активности, и вакви и слични настани секогаш се залага и прави напори   во насока за подигнување на јавната свест на своите сограѓани  за прифаќање на овие лица преку   презентирање  на нивните можности и способности и вештини од различни области. Така и преку овој настан, на наша голема радост како и многупати досега кај нашите сограѓани предизвикавме бура од емоции. Настанот, не случајно, беше насловен „И ние можеме“, бидејќи во период од само час и половина, лицата со попреченост ги покажаа своите способности за глума, поезија, танц, како и  претхнодно подготвени уникатни  рачни изработки, потенцира Басаров.

Димитри Соле Љубин, поет, кој беше дел публиката и со воодушевување ја следеше целата програма, потенцира дека  и покрај огромната летна жега  сите учесници и гости на миг ја заборавија,  бидејќи беа  пренесени во еден поинаков, помил свет, присуствувајќи  на прекрасен настан.

-Тој спокоен свет, малку поразличен, од кој сите треба да учиме, оти одамна сме го заборавиле.„И ние можеме“ ни порачаа децата и лицата со попреченост од нашиот град, кои со огромна љубов нѐ пречекаа и испратија. Ни читаа стихови, заедно со актерите од велешкиот театар и не понесоа во една забавна и многу поучна басна. Потоа сите заедно се забавуваме со дечињата од балетското студио „Анабела“ и со  девојките од бендот „The Chicks“, потенцира Љубин.

„И ние можеме“ се реализира како дел од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција што го спроведува Институтот за медиуми и различности од Лондон,МИМ –Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија со финансиска поддршка на ЕУ. ад/бк/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Пешевска: Да се зголеми додатокот за минимална помош преку МТСП

Ковачевски: Да се обединиме за европска иднина за стремежот за европска Македонија

СДСМ: Мицкоски конструктивноста да ја покаже во Собранието, подаваме рака за сите кои работат за граѓаните