Тетово, 8 јули 2019 (Утрински Весник) – Со донација на печалбарите во дворот на основното училиште „Прпарими“ и кај Поштата во тетовска Голема Речица формирани се детски игралишта на отворено. Детските нишалки, лизгалки и слично ги набавиле луѓе од тетовска Голема Речица кои живеат и работат во Швајцарија.
Тие собрале пари и ја купиле опремата за детска забава кои потоа во координација со месната заедница и училиштето е одлучено да се постават во училишниот двор и на уште една локација во близина на Поштата во Голема Речица, со цел да бидат достапни за сите деца во местото.
– Дојдоа печалбарите и ни кажаа дека сакаат да донираат детско игралиште на отворено. Ние само им го одредивме местото за поставување. Тие сами ги набавија и поставија, така што немаме информација колку чини донацијата. Сепак сме многу благодарни што нашите ученици ќе имаат каде да се рекреираат. Се надевам дека и учениците исто така ќе знаат да ја ценат донацијата и дека ќе се потрудат да ги сочуваат реквизитите, изјави Насер Нухија, директор на основното училиште „Прпарими“.
Во училиштето „Прпарими“ оваа учебна година од прво до деветто оделение завршиле вкупно 673 ученици. За наредната учебна година запишани се 80 првачиња во три паралелки.ас/бт/