Утрински Весник
Македонија

Пендаровски-Мисироли: Нашето членство во НАТО ќе значи ширење на просперитетот и стабилноста во Европа

Пендаровски-Мисироли: Нашето членство во НАТО ќе значи ширење на просперитетот и стабилноста во Европа

Скопје, 2 јули 2019 (Утрински Весник) – Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, денеска оствари средба со помошникот-генерален секретар на НАТО за новите безбедносни предизвици Антонио Мисироли, на која било разговарано за успешната соработка меѓу нашата држава и НАТО, за тековните заеднички проекти како и за напредокот на реформите во одбраната и безбедноста.

Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата подвлекол дека со полноправното членство на Северна Македонија во НАТО, ќе биде заокружена една од стратешките определби на нашата држава и главниот кохезивен фактор на нашето мултиетничко демократско општество.

Претседателот Пендаровски, исто така, изразил очекување дека до крајот на годината формално ќе биде завршено ратификувањето на нашиот Протокол за членство во НАТО, во останатите земји-членки, со што ќе станеме 30-та членка на најуспешната воено-политичка Алијанса.

– Нашето членство во НАТО ќе значи ширење на просперитетот и стабилноста во Европа, но истовремено и наш придонес кон регионалната и глобалната безбедност, порачал Пендаровски на средбата.

Претседателот Пендаровски истакнал дека како Врховен командант на вооружените сили ги поддржува сите реформи во одбраната и безбедноста кои се во согласност со НАТО стандардите.

Во тој контекст, тој го поздравил проектот за дигитализација на Системот за управување со кризи преку имплементацијата на Следна генерација на Систем за управување со инциденти, како дел од НАТО – Програмата за наука за мир и безбедност.

Претседателот нагласил дека со имплементацијата на овој проект ќе биде овозможено командување, координација, соработка и комуникација со ангажираните ресурси во рамките на секоја институција од Системот за управување со кризи, како и размена на податоци и информации во реално време, со што Северна Македонија ќе добие имплементиран современ дигитален систем за управување со кризи.

Помошникот-генерален секретар на НАТО, Мисироли му го честиташе стапувањето на функцијата на претседателот Пендаровски, посакувајќи му успех во работата. аа/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Вработен во Пошта уништил архивски материјал, против него е поднесена кривична пријава

Приведени разбојници во Скопје, следува кривична пријава

Претрес во Битола, пронајдена дрога, приведен дилер