Струмица, 3 јули 2019 (Утрински Весник) – Производи со заштитен географски назив „Беласица- природен производ“ се питом костен, боровинка и вргањ и други шумски производи вкупно 15. Oпштина Струмица, како носител на правото на сертификатната марка „Беласица-планински производ“, воведува регистар за право на користење на сертификатната марка за субјекти кои се корисници, рече Томислав Андреев од општина Струмица на денешната еднодневна обука за „Заштита на биодиверзитетот и брендирање на шумските плодови на Беласица“.
Истакна дека општина Струмица е прва локална самоуправа во Македонија, која повела постапка за заштита на природата со одржливо користење на диворастечки природни производи во својот регион.
Според Панче Николов од организацијата „Натура нова“ од Струмица со проектот се дава идентитет и име на производот.
-Тоа се работи со помош на системот за географска заштита и географски назив на потеклото на производот и со трговска марка, која во иднина ќе биде исто така брендирана и во прометот ќе се разликува од сите други производи кои немаат идентитет, рече Николов.
На денешната обука учесниците беа информирани дека постапката за регстрацијата на производи со заштитено географско потекло и назив е веќе завршена во Државниот завод за индустриско потекло.
Обуката за јавната администрација, трговските фирми и невладини организации од Струмичкиот регион ја спроведе „Пробио“ во соработка со Шумарскиот Факултет од Скопје и ЈП „Национални шуми“-ПСШ „Беласица“ од Струмица. рт/сст/