Утрински Весник
Македонија

Општина Кочани ќе изработува стручна анализа за загаденоста на водата и воздухот и нивото на бучавост

Општина Кочани ќе изработува стручна анализа за загаденоста на водата и воздухот и нивото на бучавост

Кочани, 26 јуни 2019 (/) – Локалната самоуправа на Кочани започна постапка за изработка на стручна анализа за квалитетот на животната средина, за што од општинскиот буџет ќе потроши околу 250 илјади денари.

Анализата треба да даде точни податоци за загаденоста на воздухот и отпадните води што се испуштаат во канализациската мрежа и во речните текови, како и за нивото на бучавост околу производствените капацитети и во урбаната средина.

– Сакаме да утврдиме точно во кој дел од градот во текот на една година има најголема загаденост на воздухот и водата и кои се причините за тоа, за да можеме да преземеме и соодветни мерки. Ќе се направат и осум мерења на бучавоста предизвикана од производни и услужни дејности, како и четири мерења на нивото на бучавост во станбени и деловни објекти, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Предвидено е да се анализираат 14 примероци од отпадни води од производни и индустриски капацитети, а што тие ги испуштаат во канализациската мрежа и на отворено, односно во речните текови и другите површински води. Дополнително, со анализата ќе се обезбедат стручни податоци за присуството на јаглерод диоксид, азотен оксид, сулфур диоксид и чадни честички од десетина мерни места каде корисниците за затоплување користат течни и цврсти огревни материи. На 12 мерни места ќе се испитува и присуството на ПМ10 честички, со оглед што тие минатата зима најчесто беа споменувани како главен проблем за загаденоста на амбиенталниот воздух.

Локалната самоуправа на Кочани за првпат нарачува ваква стручна анализа и се очекува таа да ги даде точните параметри за квалитетот на животната средина за да се преземаат мерки и активности за негово подобрување. та/сст/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Активни шест пожари во околината на Прилеп и Битола

Попладне нестабилно време со пороен дожд и грмежи

ВМРО-ДПМНЕ: И врапчињата веќе знаат дека нема да има уставни измени под бугарски диктат