Утрински Весник
Македонија

Општина Кочани обезбеди пари за функционирање на градскиот превоз во следните пет години

Општина Кочани обезбеди пари за функционирање на градскиот превоз во следните пет години

Кочани, 5 јули 2019 (Утрински Весник) – Локалната самоуправа на Кочани од сопствениот буџет обезбеди над 4,2 милиони денари со кои ќе го субвенционира функционирањето на градскиот јавен превоз во наредните пет години.

Според изготвената предлог-одлука се планира да остане во сила претходно донесеното решение од Советот на Општината според кое на превозникот му се надоместува 50 отсто од цената на билетот за едно возење. Новина е тоа што наместо за една, договорот со избраниот превозник ќе се склучи на пет години, при што се остава можност за пораст на цената на билетот поради евентуална промена на цената на горивото.

– Линискиот превоз на патници ќе се врши со најмалку четири поаѓања дневно, при што максималната единична цена за билет по патник изнесува 20 денари. Доколку цената на дизел горивото се зголемува или намалува до 15 отсто, тогаш корекција на цената на билетот ќе нема. Ако поскапувањето на горивото е до една четвртина или до половина, тогаш за толкав процент ќе се зголеми и цената на единечен билет. Како релевантен доказ за промена на понудената цена за билет по патник ќе се користи одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, донесена од Регулаторната комисија за енергетика, стои во предлог-одлуката на Советот на Општина Кочани.

Доколку предложените измени бидат одобрени од општинскиот Совет, наесен ќе се реализира постапка за избор на превозник, со оглед што кон крајот на годината истекува рокот на договорот со сегашниот давател на услугата.

Линискиот јавен превоз на патници во Кочани беше воведен пред околу шест години, а во моментот се опфатени 68 автобуски постојки во Кочани и во приградската населба Оризари. Освен неколкумесечниот прекин минатата година, поради откажувањето на дотогашниот превозник, функционирањето на услугата се одвива без проблеми. та/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петровска ги посети војниците кои се дел од силите на НАТО во Бугарија

Министерот за внатрешни е против законот за амнестија

Ковачевски во посета на Дојран