Демир Хисар, 11 јули 2019 (Утрински Весник) – Општина Демир Хисар почнува со реализација на нови инвестициски проекти од сферата на сообраќајната и комуналната инфраструктура
Проектите ќе се ефектуираат во неколку демирхисарски села за чија реализација е добиена директна помош од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, потврди градоначалникот на општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски.
– Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги оцени одлично и одлучи да поддржи изградба на сообраќајни површини, улици во село Базерник за што се обезбедени 1,3 милиони денари, изградба на општински пат на локалниот патен правец од село Граиште до Манастир Св. Тома, крак- пат село Вардино до Манастир Св. Тома, за што ќе бидат вложени 12,6 милиони денари. Во рамките на таа поддршка ќе се адаптира хидрофорска куќарка со замена на хидроопрема во населеното место Ново Село, за што од Агенцијата добивме над 300.000 денари, истакна Стојановски.
Градежните работи во населените места Граиште, Базерник и Ново Село ќе почнат по завршувањето на постапката за јавна набавка, која е согласно Законот за јавни набавки, нагласуваат од тамошната локална самоуправа. мт/ир