Велес, 18 јуни 2019 (/) – Општина Велес планира да ги замени сегашните штедливи натриумови светилки со уште поштедливи и посовремени паметни ЛЕД-светилки. Тоа ќе бидат паметни светилки со сензори кои ќе даваат различни информации, за загадувањето, густината на сообраќајот, слободните паркинг-места, бучавата и слично.
Како што појасни градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, општината одлучила сама да го финансира проектот со само неколку годишна заштеда на средства, преку заштедата на потрошувачката на електричната енергија од сегашните над 14 милиони денари годишно за најмалку 50 проценти или седум милиони денари годишно и плус заштеда на дополнителни уште 200 илјади евра годишно за замена на прегорените светилки.
-Има неколку странски компании кои се заинтересирани, а тие гарантираат огромен временски период за непрегорување на ЛЕД-светилките. Воедно се гарантира дека ако прегорат ќе ги заменат на нивни трошок што сега не е случај, бидејќи Општина Велес сега троши околу четири милиони денари за замена на прегорени светилки. Со тоа ќе направиме и заштеда на околу 200 илјади евра годишно. Со заштедата за пари на половина за електрична енергија и со заштеда на пари и за замена на светилките, ние само за неколку години сами ќе го финансираме проектот без да земеме кредит, појасни Коцевски.
Општина Велес пред само пет години до крајот на јуни 2014 година ги замени тогашните живини со натриумови светилки за кои тврдеше дека се економични и еколошки.
Замената на 2.915 живини со натриумови светилки во градот и приградските населби на Велес, Општината Велес ја чинеа околу 18 милиони денари кои ги обезбеди преку земање кредит од Светска банка. ад/рп/