Утрински Весник
Македонија

Одзивот за запишување во средните училишта во Кочани подобар од лани

Одзивот за запишување во средните училишта во Кочани подобар од лани

Кочани, 18 јуни 2019 (/) – Вториот ден од првиот рок за запишување нови ученици, во средните училишта во Кочани е забележан зголемен интерес. Веќе се пополнети половина од слободните места. Најголем број од запишаните средношколци се од Кочани и од соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево, додека нешто помал интерес покажале учениците од Виница, Делчево и Берово.

При денешната посета на училиштата, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, истакна дека бројот на запишани ученици годинава е подобар во однос на просекот од изминатите неколку години, а локалната самоуправа прави напори да обезбеди што подобри услови за изведување на настава.

-Во првиот уписен рок регистрирано е зголемување на новозапишани средношколци за над десет отсто, при што најголем интерес има за електро струката во техничкото средно училиште „Гошо Викентиев“, особено за образовниот профил за техничари за компјутерска техника и автоматика. Наша цел е да ги мотивираме и завршените основци од општините во регионот да се запишат кај нас, заради што ќе организираме средба на претставници од бизнис секторот, од Агенцијата за вработување и директорите на училиштата, истакна градоначалникот Илијев.

Годинава основното образование во Кочани го завршија околу 320 ученици и според досегашниот одзив може да се констатира дека во СОУ „Гошо Викентиев“ веќе има обезбедно половина од капацитетот што изнесува над 400 средношколци. Слично е и во гимназијата „Љупчо Сантов“, како и за економската струка каде досега има запишано околу 160 ученици од слободните 270 места.

Според искуството од минатите години, се очекува во вториот уписен рок да се пријават уште околу дваесетина отсто ученици од вкупно запишаните во првиот, со што во новата учебна година капацитетот на кочанските средни училишта би бил исполнет со околу две третини. та/мч/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петровска ги посети војниците кои се дел од силите на НАТО во Бугарија

Министерот за внатрешни е против законот за амнестија

Ковачевски во посета на Дојран