Утрински Весник
Македонија

НПМ: Условите во полициските станици, затвори и центрите за бегалци се незадоволителни

НПМ: Условите во полициските станици, затвори и центрите за бегалци се незадоволителни

Скопје, 26 јуни 2019 (/) – Лоша инфраструктурна поставеност, недоволна информираност на полициските службеници за прашања од областа на азилот, слабо познавање на методите за идентификација и упатување на ранливи категории се условите во кои функционираат шесте полициски станици за гранична контрола и граничен надзор, Белановце, Михајлово, Стар Дојран и полициските станици за гранична контрола на аеродромите во Скопје и Охрид.

Ова го посочи заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа на денешната прес-конференција за осмиот Годишен извештај на Националниот превентивен механизам (НПМ) за 2018 година за состојбите во местата за лишување од слобода, полициските станици, затворите, психијатриските болници.

Според неа, ваквите услови претставуваат ризик од нечовечно и понижувачко постапување кон лицата кои се задржуваат или се лишени од слобода, вклучително и бегалците и мигрантите.

-Ова значи дека во пракса, доколку се наиде на непридружувано дете, лице потенцијална жртва на трговија со луѓе или друга ранлива категорија, наместо првично профилирање и идентификување на нивната ранливост од страна на службените лице и вклучување на мултидисциплинарен тим, согласно Стандардните оперативни процедури, истите или се депортираат или се задржуваат во Профитните центри, изјави Бајрамовска-Мустафа.

Во однос на Полициските станици од општа надлежност, таа ги поздрави заложбите на МВР и препознавањето на потреба од изградба на нови објекти на Полициските станици, како што е ПС Ѓорче Петров, во насока на почитување на пропишаните меѓународни стандарди.

Но, според неа, загрижува констатацијата дека и во еден ваков објект не се посветува внимание на распоредот на канцелариите.

Изрази сериозна загриженост за нецелосна имплементација на препораките на НПМ по посетените Полициски станици во насока на подобрување на материјалните услови, заради елиминирање на ризиците за нехуман и деградирачки третман кон задржаните и лица лишени од слобода.

-Констатација е дека состојбите и натаму во голема мера остануваат непроменети, што впрочем беше нотирано и при посетите на полициските станици, во извештајниот период, како и одговорите од надлежните органи , од кои неспорно произлегуваа дека органите начелно ги прифаќаат нашите препораки, но во пракса не ги спроведуваат, особено ако нивната имплементација е поврзана со обезбедување на финансиски средства, што од аспект на мандатот на НПМ е неоправдано, појасни таа.

Таа додаде дека во Затворот Тетово поради нехуманите услови за престој со наредба на Министерството за правда е затворено притворското одделение. Од друга страна, како што рече, не се подобри условите ниту во притворското одделение на Затворот Гевгелија, но тоа одделение уште е во функција.

Според Извештајот, и во Затворот Тетово и во Затворот Гевгелија има недостиг од стручен кадар, особено во затворската полиција, каде што нема службено лице од женски пол, што претставува сериозен проблем, во услови кога треба да се изврши претрес на женски лица.

Во однос на посетите на местата каде се сместуваат и задржуваат бегалци/мигранти, Извештајот покажува дека продолжува праксата на неформалното протерување и колективни депортации на бегалците, неинформираност на задржаните лица-странци за причината за нивно задржување во Прифатниот центар, како и нецелосно и неблаговремено информирање за процесот на нивно присилно враќање и дестинацијата даде што треба да бидат вратени.

Годишниот извештај Народниот правобранител ќе го достави до меѓународните институции и организации, до Поткомитетот за превенција од тортура на Обединетите Нации и Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечно и понижувачко постапување или казнување, како и до Владата и Собрание на РСМ.

Во текот на извештајната година спроведени се вкупно 42 превентивни посети, од кои 11 посети на полициски станици и затвори и 31 посета во местата на сместување и задржување на мигранти и бегалци, и спроведено е истражување за степенот на почитување на правата на странските државјани кои издржуваат казна затвор во КДП Идризово со две наменски посети. бт/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ВРМО-ДПМНЕ: Не видовме план од Ковачевски, туку реакција на претходна понуда на Мицкоски

Министрите повеќе нема да можат да јадат лигњи и октопод, Ковачевски забрани морска храна

Пендаровски во посета на Прилеп во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“