Утрински Весник
Бизнис

Нов производствен погон во индустриската зона во Македонска Каменица

Нов производствен погон во индустриската зона во Македонска Каменица

Македонска Каменица, 9 јули 2019 (/) – Се гради нов модерен производствен погон во општина Македонска Каменица. Инвеститор е компанијата ,,Де Пласт Монт”, фирма која се занимава со производство на различни видови алуминиумска и ПВЦ столарија. Сопствениците очекуваат со производство да се почне најдоцна до крајот на оваа година, а според планираното, ќе се вработуваат млади лица од општината.

-Нашите очекувања се дека објектот ќе биде комплетно завршен до есен и дека во овој погон ќе има десетина вработени. Со изградбата очекуваме значително да го зголемиме квалитетот и квантитетот на производи, со што продолжуваме да ги остваруваме зацртаните цели, да бидеме една од водечките компании за производство на столарија во Источна Македонија, велат сопствениците.

Како и во повеќето општини и во рударска Каменица веќе години наназад, проблем е вработувањето, а ваквата инвестиција, велат од Општината, ќе значи можност за ново вработување за младите.

-Со отворање мали фирми од 10 до 30 вработени и со финансиска поддршка од Владата, сметаме дека етапно може да се влијае младите да обезбедат егзистенција во родниот град. Отворањето на првиот производствен погон во индустриската зона се надеваме дека ќе биде поттик и за останатите инвеститори да отворат работни места за овдешната помлада популација, велат од Општината.

Македонска Каменица располага со две индустриски зони, кои им се достапни на инвеститорите од областа на лесната и незагадувачката индустрија, сервисите и стовариштата. Индустриската зона за лесна и незагадувачка индустрија согласно урбанистичкиот план располага со вкупно 47 парцели, додека зоната за лесна индустрија и сервиси има вкупно 7 урбанистички парцели, кои им стојат на располагање на потенцијалните инвеститори. вс/мч/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: Директорот на ЕСМ е ризичен за да му доставиме понуди

(Видео) Фирмите што ги нуди Мицкоски да ги достават понудите до среда, порача директорот на ЕСМ

Најголемиот германски производител на пиво го прекина производството во Франкфурт