Кочани, 10 јуни 2019 (/) – Општина Чешиново-Облешево потпиша договор со кој ќе почне изградбата на нов колекторски систем и канализациска мрежа во селото Соколарци со вкупна должина од 3,2 километри.
Изградбата на канализацијата ќе се реализира со над 17 милиони денари, од кои околу 80 отсто се обезбедени од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, преку Програмата за рамномерен регионален развој.
– Со овој проект аплициравме до Центарот за развој на Источниот плански регион и беше одобрен, при што ние како општина кофинансираме со 23 отсто, односно 3,9 милиони денари. Со изградбата на колекторскиот систем го решаваме главниот инфраструктурен проблем за ова населено место, кое минатата година доби реконструирано сообраќајно поврзување со општинскиот центар и со околните села. И овде локалната самоуправа реализира дел од проектот за реконструкција на јавните чешми со партерно уредување, истакна Горанчо Крстев, градоначалник на Општина Чешиново-Облешево.
Се очекува реализацијата на проектот да биде до крајот на годината, при што ќе се направи и приклучување на домаќинствата на новиот колекторски систем.
Во селото Соколарци живеат околу илјада жители и до сега тие воопшто немаа канализациска мрежа, а за прибирање на отпадните води користеа септички јами или слободно ги испуштаа. та/мд/