Скопје, 7 јуни 2019 (/) – Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Изработка на анализи за спроведување на инвестиции за изградба на откупно-дистрибутивни центри“ со осврт на производството, откупот и трговијата со зеленчук и овошје кој го изработи Факултетот за земјоделски науки и храна.
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, и е во насока на создавање на услови за сигурен пласман и дистрибуција на земјоделските производи како клучна алка во процесот на производство.
-Не можеме да зборуваме за развиено земјоделско производство, ако немаме современи откупни и дистрибутивни центри. Организацијата на откупот и функционалната дистрибутивна структура се од суштинско значење за лесно расипливите земјоделски производи, и оттука произлезе потребата за оваа анализа којашто ќе ги опфати потребните сегменти за воспоставување на можни решенија и насоки за успешно функционирање на откупот и дистибуцијата на овошје и зеленчук, а резултатите се од голема помош за министерството, изјави Николовски.
Во изминатиов период, додаде Николовски, се обезбедени и финансиски средства за изградба на откупно-дистрибуривни центри, односно не само заокружувањето на она што треба да го знаеме првенствено преку оваа анализа туку и заокружена е рамката преку светска банка каде што е една од најголемите компоненти и средствата преку оваа компонента ќе бидат наменети токму за изградба и други инвестициски активности во делот на откупно-дистрибутивните центри.
Оваа анализа ќе ја користи и Светска банка како основен преглед на потсекторите, врз основа на кој во следната фаза ќе се утврди конкретната потреба, локација и димензија на центри за откуп и дистрибуција на зеленчук и овошје во нашата земја
Министерот Николовски потенцираше дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изминативе две години интензивно работи на политики и мерки со кои се обезбедат услови за сигурен откуп и пласман на земјоделските производи.
Оваа година во Програмата за рурален развој преку мерката Инвестиции за маркетинг на земјоделски производи, се овозможува предфинансирање на инвестициски проекти во висина од 100 отсто од износот на предлог-проектите, за инвестиции во преработувачки капацитети, ладилници и откупни центри за приоритетните земјоделски производи кои се соочуваат со проблеми во пласманот.
Додека, мерките од ИПАРД 2 програмата нудат можност за кофинансирање на трошоците за изградба или реконструкција на ладилници, магацини, продажни пунктови и друг вид на инвестиции кои се во насока на решавање на проблемот со вишоци на производи и обезбедување на пласман. сст/