Велес, 21 јуни 2019 (/) – Од ЈКП „Дервен“ констатирале дека по должина на цевковководот долг 21 километар несовесни земјоделци заради сопствени земјоделски потреби и напојување на стоката често вршат оштетување на елементи на цевководот и со тоа предизвикуваат неконтролирано истекување на водата, која понатаму неконтролирано ги поплавува и соседните ниви.
Поради тоа, тие апелираат за совест, за овие како што велат криминални дејствија врз цевковдот, од кој се носи вода од езерото Лисиче до Филтер станицата за вода во Велес, од која вода во своите домови пијат граѓаните на Велес и околните населени места.
-Апелираме за поголема совест кај сопствениците на земјоделски површини и потсетуваме дека манипулацијата со водоводните инсталации претставува незаконско дејствие и е казниво со закон, посочуваат од ЈКП „Дервен“.
Од „ЈКП „Дервен“ засега не прецизираат колкава е направената материјална штета и колку сторители откриле.
Од ЈПВ „Лисиче“ кое стопанисува со езерото „Лисиче“ и кое преку овој цевковод сирова вода му испорачува на ЈКП „Дервен“ до фабриката за пработка на вода во Велес, како што информира за /, директорот Дејан Арсовски иако со цевководот стапанисува ЈКП„Дервен“ штетата оди на сметка на ЈПВ „Лисиче“ бидејќи како што појаснува протокомерот – апаратот за мерење на испорачана вода се наоѓа на кракот од цевководот односно пред Филтер станицата за вода во Велес.
Тој појаснува дека ЈКП „Дервен“ на ЈПВ „Лисиче“ за испорачана вода во просек му плаќа 1,7 милиони денари месечно, но во тоа не влегува водата што попатно се троши со дефектите на цевководот.
-Загубата на вода преку оштетениот цевковод не ја плаќа никој,што значи дека оди на дирекна штета на ЈПВ „Лисиче појаснува Арсовски.
Тој информира дека цевководот долг 21 километар од езерото „Лисиче“ до Филтер станицата односно Фабриката за преработка на вода во Велес е даден на стопанисување на ЈКП „Дервен“.
-Во согласност со тоа ЈКП „Дервен“ на кое ние му испорачуваме сирова вода е должен да ги санира сите проблеми на цевководот и да врши редовен увид на состојбата. Ние согласно договорот очекуваме ЈКП „Дервен“ да врши редовно сервисирање и поправки на цевководот,појаснува Арсовски. ад/аа/