Росоман, 4 јули 2019 (Утрински Весник) – По повеќедневниот проблем со недостаток на вода во горните зони на Росоман и росоманското село Манастирец, а посебно во последните два дена, од Јавното комунално претпријатие информираат дека во овој период има намален доток на вода, што ја регулира ЈП Комуналец Кавадарци, поради активности на регулација кај нивни потрошувачи, а кои се на истата главна доводна линија од која се снабдуваат Манастирец и Росоман.
– Поради овие причини, а во соработка со ЈП Комуналец Кавадарци, соопштуваме дека овој проблем ќе биде надминат до вечерните часови, а најкасно до утре, па со тоа ќе се добие доволно количина на вода, односно 12-13 литри во секунда, што е и обврска од потпишаниот договор помеѓу општините Кавадарци и Росоман. Со тоа ќе се надмине постоечкиот проблем, посочуваат од комуналното претпријатие во Росоман.
Најавуваат и дека ќе отпочнат со проверки во секое домаќинство, за откривање и отклонување на диви приклучоци, а кои ќе бидат санкционирани со парични казни. свд/цр/