Утрински Весник
Македонија

Младите кривопаланчани учат за извидништвото

Младите кривопаланчани учат за извидништвото

Крива Паланка, 4 јули 2019 (Утрински Весник) – Извидничкиот одред „Наум Наумовски Борче” со финансиска поддршка од Општина Крива Паланка ќе го реализира проектот „Младите во светот на извидниците” со кој е предвидено преку работилници и кампови младите од општината да се запознаат со методите на извидништвото.
– Низ пет последователни работилници ќе бидат обучени најмалку педесетина млади луѓе на возраст до дваесет години – за движење во природа, подготовка на храна, ориентација и топографија на непознато земјиште, извиднички методи како дел од неформалното образование. Истовремено, ќе се спроведат и работилници на тема граѓаните меѓу извидниците и значење на извидништвото во процесот на учење. Првата од предвидените пет работилници се одржа во селото Дурачка Река, учествуваа дваесетина лица кои од повозрасните членови на одредот учеа движење во природа и подготовка на храна, информираше Соња Ангеловска од Извиднички одред „Наум Наумовски Борче”, Крива Паланка.
Во рамки на проектот кој Општината го финансира со програмата за поддршка на граѓанскиот сектор за 2019 година, предвидено е да се одржи и тридневен извиднички камп во село Дурачка Река.
– Покрај гореспоменатиот проект, тековно наши скаути учествуваа на школата за водичи која ја организираше Сојузот на извидници на Република Северна Македонија. Школата се одржа од 21 до 28 јуни во извидничкиот центар Охрид, а обуката успешно ја поминаа Михаил Павловски и Климентина Ангелова, додаде Ангеловска.
Под мотото „Светот во зелено”, членови на  Извидничкиот одред „Наум Наумовски Борче” во периодот на летните горештини редовно работат на одржување на зелените површини во околината на одредот каде што е лоциран и минирекреативен детски парк.  ид/хс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петровска ги посети војниците кои се дел од силите на НАТО во Бугарија

Министерот за внатрешни е против законот за амнестија

Ковачевски во посета на Дојран