Утрински Весник
Бизнис

МИОА: Со мерките во планот за широкопојасен интернет до побрз интернет

МИОА: Со мерките во планот за широкопојасен интернет до побрз интернет

Скопје, 2 јули 2019 (/) –  Министерството за информатичко општетсво и администрација (МИОА) очекува во октомври годинава да почне  изработката на студијата за изводливост за  националната транспортна оптичка мрежа до т.н „бели зони“ каде нема пристап до супер/ултра брз интернет (поголем од 100Мбпс). На овој начин, но и со серија на други мерки предвидени во Националниот бродбенд план, ќе се зголеми брзината и користењето на интернетот во нашата земја, и веруваме дека со тоа Северна Македонија, при следното мерење на телекомуникациските услуги, ќе биде позиционирана на подобро место, споредено со оваа година, соопшти денеска МИОА.

Од Европската унија веќе е добиен позитивен извештај за Националниот оперативен бродбенд план – НОБП (2019-2029 година) што го усвои Владата, со цел да се достигнат брзините и користењето на бродбендот кои постојат во земјите во ЕУ.

– Владата и Министерството за информатичко општество и администрација свесни за брзината на интернетот во Северна Македонија, како и за стандардите кои постојат во земјите во Европа, во Националниот оперативен бродбенд план предвиде голем број на мерки и активности усогласени со политиките и стратегиите на ЕУ за оваа област, велат од МИОА.

Првпат во историјата, укажуваат, имаме оперативен план со зацртани националните цели кои треба да се достигнат до 2029 година.  До крајот на 2023 година, најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал, до крај на 2025 година, главните коридори во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал, до крајот на 2027 година, сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал, до крајот на 2029 година, секој да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps, а до крајот на 2029 година најмалку 50 проценти од вкупниот број на претплатнички договори на домаќинствата во цела држава, да бидат за пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

– Свесни сме дека станува збор за многу високо поставени цели, но убедени сме дека располагаме со капацитети за да ги постигнеме истите, наведува МИОА.

Согласно со извршеното мапирање во 2018 година на постојни комерцијални мрежи и идни планови на операторите, утврдено е дека голем процент од домаќинствата (околу 30%) живеат во т.н „бели зони“ или зони каде нема пристап до супер/ултра брз интернет (поголем од 100Мбпс), а нема ниту планови за инвестиции во вакви мрежи.

Овој дигитален или бродбенд јаз, посочува ресорното Министерство, мора да се намали. Ова е едно од реалните причини и зошто нашата земја не котира високо во користење на бродбендот и во неговата просечна брзина. Затоа, согласно НОБП ќе се изгради национална транспортна оптичка мрежа до овие „бели зони“ како и оптички мрежи внатре во самите „бели зони“ и тие ќе се дадат на користење на операторите за да им обезбедуваат услуги на граѓаните, но само под еден услов: малопродажната цена за пристап до супер брз интернет за домаќинствата да не биде повисока од 2% од просечните месечни примања во тој плански регион.

– Изградбата на оваа мрежа ќе се прави во соработка со Светската Банка и очекуваме од октомври да започне подготовката на Студијата за изводливост за истата, а потоа ќе започне и нејзината изградба.На овој начин, но и со серија на други мерки предвидени во Националниот бродбенд план, ќе се зголеми брзината и користењето на интернетот во нашата земја, и веруваме дека со тоа Северна Македонија, при следното мерење на телекомуникациските услуги, ќе биде позиционирана на подобро место, споредено со оваа година, се вели во соопштението.

Државава според брзината на интернет е рангирана на 78 место во светот  во денеска објавениот извештај на специјализираниот британски сајт за споредба на телекомуникациски услуги Cable.co.uk. Просечната брзина на интернет во државава изнесува 7,97 мегабити во секунда (Mbps), а за преземање 5 GB филм се потребни 1 час 25 минути и 38 секунди. Лани бевме на 68. позиција со просечна брзина на интернет од 8,82 мегабити во секунда.лв/дма/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ЕУ постигна договор за руската нафта

Шпаркасе банка, најдобар избор на банка за твојата плата

Битиќи ги презентира инвестициските можности на земјата пред група бизнисмени од Турција