Скопје, 28 јуни 2019
Министерството за култура најостро реагира на обраќањето на пратеникот Илија Димовски во рамки на вчерашната (27.6.2019 г.) собраниска седница и искажаните зборови од собраниската говорница, а поврзани со ефикасноста во работата на досегашниот министер за култура, Асаф Адеми.
Во тој контекст беа искажани обвинувања за скандал при носењето на Годишната програма на Министерството за култура поврзан со здружението „Елизиум“ кое како што истакна Димовски било формирано по објавувањето на Конкурсот, и на кое му биле поддржани три проекти.
Заради правилно информирање на јавноста посочуваме дека здружението „Елизиум“ е формирано на 19 октомври 2017 година. Во рамки на Конкурсот на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес за 2018 година проектот на ова здружение е поддржан со 500 илјади денари, а стручната комисија која одлучуваше по проектите од Конкурсот за 2019 година ја додели истата сума за проект „Концерт со млади-тетово 2“ на ова здружение.
Министерството за култура најостро ги демантира наведените искази кои ги сметаме за неосновани и невистинити, со кои директно му е нанесена штета на името, угледот и честа на досегашниот министер за култура Асаф Адеми, и од тие причини бараме извинување од пратеникот Илија Димовски.
Министерство за култура
_____________________________________________________________
/ овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.