Утрински Весник
Бизнис

Министерката Апостолска пред словачки бизнисмени ги претстави поволностите за инвестирање во земјава

Министерката Апостолска пред словачки бизнисмени ги претстави поволностите за инвестирање во земјава

Скопје, 18 јуни 2019 (/) – Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска денеска во Владата прими словачка бизнис делегација предводена од државниот секретар на министерството за надворешни и европски работи на Република Словачка, Лукаш Паризек и словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш.

Од Кабинетот на Апостолска соопштија дека во рамки на посетата пред делегацијата биле претставени владините економски политики и можностите кои ги нудат мерките од Планот за економски раст за реализација на инвестиции во земјава.

Зборувајќи за економските политики и поддршката за реализација на нови инвестиции, министерката Апостолска истакнала дека Владата овозможува значајна финансиска поддршка за компаниите преку транспарентни и јавно познати процедури, засновани на Планот за економски раст и Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

– Изградивме атрактивно и предвидливо деловно опкружување во кое, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, доколку одлучите да инвестирате во земјава може да сметате на конкретна финансиска поддршка за отворање на нови работни места, воспоставување на соработка со домашните компании, отворање на центри за истражување и развој, како и за капитални инвестиции во нови машини и опрема, посочија министерката Апостолска и притоа порачала дека Владата на Република Северна Македонија стои на располагање за целосна институционална поддршка во развивањето и реализацијата на инвестициските проекти на било која странска компанија.

Позитивните економски перспективи кои ви ги отвораме во земјава, нагласила таа, деновиве беа нотирани од страна на Агенцијата Фич, според која кредитниот рејтинг на Северна Македонија од ББ на премина на ББ+, со стабилен изглед.

– Потврда пристигна и од Конференцијата на ОН за трговија и развој, според која со раст од 260 отсто на странските инвестиции во 2018 година нашата земја е регионален лидер, истакнала министерката Апостолска.

Паризек во свото обраќање изразил задоволство што Владата на Република Северна Македонија посветено работи на реализација на стратегиските приоритети за полноправно членство во НАТО и ЕУ, притоа истакнувајќи дека се отвора голем простор за натамошно продлабочување на односите меѓу Северна Македонија и Словачка на економски основи, за зголемување на трговската размена и подигање на нивото на инвестиции меѓу бизнис заедниците во двете земји. рп/вј/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Мицкоски – Клајн: На власта и нудиме решение за справување со енергетската криза, но немаат слух

Ковачевски: 16 проценти повисоки пензии, новата методологија обезбедува континуиран раст

(Видео) Мицкоски: Понудата за дупло поевтина струја сè уште стои