Утрински Весник
Бизнис

МЗШВ: Непречено се одвива извозот на праски

МЗШВ: Непречено се одвива извозот на праски

Скопје, 15 јуни 2019 (/) – Извозот се одвива непречено и праските се извезуваат во Русија, Иран, Белорусија и Косово. Ова денеска го констатираа претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за земјоделство и Државната фитосанитарна лабораторија кои денеска во Росоман имаа работна средба со градоначалникот на општината Бранко Јанев.

На средбата, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, присуствуваа и претставници од компаниите извозници на праски и производители на праски, а се разговараше за состојбата со откупот, цената и извозот на праски.

На средбата беа презентирани предлози за подобрување на соработката меѓу производителите и откупувачите и договорена е средба во поширок состав, на која од страна на производителите ќе се претстават предлозите за партнерство меѓу нив и откупувачите.

– Во меѓувреме инспекторите од ДИЗ се постојано на терен за да се следи откупот и да не се манипулира со откупната цена и со белешките што им се издаваат на овоштарите при откупот. ДФЛ работи со доволен капацитет за извршување на редовните анализи кои се потребни за непречен извоз, се вели во соопштението од МЗШВ.

Следната недела МЗШВ ќе има средба и со компаниите од индустријата за да се договори откупот на праски за преработка, а ќе продолжи комуникацијата со земјоделците и откупувачите со цел да има поблиска соработка, што ќе резултира со откуп на целокупната произведена количина на праски. мд/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

СКОПСКО со нов проект во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Пакомак

Влада: Изминатото деноноќие произведени 12.580 MWh електрична енергија, задоволени потребите на домаќинствата

Нови цени на горивата од полноќ