Скопје, 11 јуни 2019 (/) – СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.Ш.(27) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 25.12.2018 година, при претрес во неговиот дом, бил пронајден и одземен амфетамин.
На 10.06.2019 година околу 17:00 часот на булеварот „Александар Македонски“ полициски службеници го лишиле од слобода и привеле во Полициската станица Гази Баба, Н.Ќ.(36) од Скопје поради сомнение за одземање патничко возило и предизвикување сообраќајна незгода. Истиот ден околу 16.35 минути во полициска станица, С.Н.(46) од Скопје пријавил дека на улица „Даме Груев“ непознат сторител одзел возило „Ауди А6“, сопственост на фирма од Скопје, кое тој го оставил со клучот внатре и со вклучен мотор. Набргу потоа, возилото било забележано во близина на кејот на реката Вардар. Но, и покрај наредбата да застане, Н.Ќ. продолжил и со возилото турнал двајца полициски службеници и побегнал. Додека, третиот полициски службеник со службено возило „БМВ“ тргнал по него и успеал да го престигне. Притоа, на булеварот „Александар Македонски“, Н.Ќ. го запрел возилото и почнал да бега трчајќи, но набргу бил фатен и лишен од слобода. Претходно, додека бегал со одземеното возило, Н.Ќ. удрил и оштетил три други возила(„Фолксваген Голф“, „Фиат Пунто“ и „Фолксваген Голф 4“), како и службеното возило „БМВ“. Притоа, со телесни повреди се здобиле возачот на возилото „Голф 4“, Д.М. и сопатникот во истото возило Ј.К., додека полицискиот службеник кој го лишил од слобода Н.Ќ. се здобил со тешки телесни повреди. Тие биле пренесени во болницата „8-ми Септември “, каде им била укажана лекарска помош. По целосно докуменитрање на случајот против Н.Ќ ќе биде поднесена соодветна пријава.
Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Битола на 10 јуни извршиле контрола за брзина, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство. Притоа, контролирани биле 298 возачи, од кои осум возачи управувале возило без возачка дозвола, нерегистрирани биле пет возила, брзината ја надминале осум возачи.
Во текот на вчерашниот ден Секторот за внатрешни работи Тетово спроведе контрола на погрешно паркирани возила во Тетово. Притоа, со специјално возило „пајак“ биле подигнати 17 возила кои биле погрешно паркирани, а на прекршителите изготвени им се законски предвидените поднесоци и тие ќе се соочат со парична глоба која, зависно од тоа каде биле оставени возилата, се движи од 45 до 200 евра во денарска противвредност.
На 10.06 .2019 година, Џ.М.(25), советник во Советот на општина Охрид, пријавил дека истиот ден околу 14 часот, додека извршувал работни задачи во oпштина Охрид физички бил нападнат од Н.У. од Охрид-советник во Советот на општина Охрид. Пo целосно документирање на настанот против Н.У. ќе биде поднесенa соодветна пријава.
На 10.06.2019 година во 22:55 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, С.С.(20) од с.Кондово, скопско, пријавил дека истиот ден околу 22.30 часот на улица „Македонски Војски“ бил физички нападнат од четири лица. Се работи на расчистување на случајот.
На 11.06.2019 година во 04:30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Е.Д.(47) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 02.30 часот на улица „Ибе Паликуќа“ бил физички нападнат од лицата В.М.(36) и Н.М.(74) од Скопје. Се работи на расчистување на случајот.
На 10.06.2019 година во Полициското одделение Сарај, Р.А.(61) од с.Оризари, општина Липково – наставник во основно училиште во с.Слупчане, општина Липково, пријавил дека истиот ден, додека биле на екскурзија со учениците во кругот на СРЦ Сарај, еден ученик на возраст од 14 години од с.Слупчане бил физички нападнат и му била нанесена повреда со остар предмет од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.
На 11.06.2019 година во 00:30 часот во Полициската станица Чаир, Д.Ј.(42) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот син Л.Ј.(17). Според пријавеното, Л.Ј. се оддалечил од домот по семејна расправија околу негова љубовна врска. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 10.06.2019 година околу 12:50 часот во СВР Скопје, од Градска општа болница „Свети Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив била донесена Р.Н.(92) од Скопје, при што кај неа биле констатирани повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. ев/