Тетово, 4 јули 2019 (Утрински Весник) – Заедничка постдипломска програма на Универзитетот во Тетово, Универзитетот во Софија и Универзитетот Нишанташи од Истанбул ќе биде резултатот од проектот „Нашиот главен елемент“ во рамки на Програмата за образовна мобилност Еразмус плус.
Резултатите од проектот-истражувањето за потребите за отворање на заедничка мастер програма „Интеркултурна комуникација“ беа презентирани денеска на Тетовскиот универзитет.
– Мастер програмата „Интеркултурна комуникација“ би се одвивала по еден семестар во Тетово и Софија, а третиот практичен семинар во Истанбул. Истражувањето покажа дека има потреба и можност. Сега останува во текот на 2020 година да заврши акредитирањето на програмата и наредната академска година да се запишат заинтересираните студенти, изјави Арбер Челику, проректор за меѓународна соработка на Тетовскиот универзитет и раководител на проектот.
Тој додаде дека меѓународната комуникација и соработка е суштината на целиот проект.
– На овој начин во рамки на овој заедничи проект мислевме како да ги зближиме народите особено на Балканот, каде има многу проблеми од историски и политички причини. Мислевме како преку едукацијата да ги подобриме и политиката, но и релјефот на општеството, младите од различни националности да се зближат и да соработуваат. Тука го потенцираме Кант и замислата за светска република, каде нема да има предрасуди и популизми, изјави проректорот.
Дел од проектот е создавање мобилна апликација за поврзување на мастер програмите на партнерите како начин како да се соработува преку интернет. Покрај трите универизитети во проектот учествува и организацијата Адефис Хувентут Интернационал од Шпанија. Проектот е поддржан од Националната агенција за европска едукација и мобилност. ас/фф/