Маврово, 7 јуни 2019 (/) – Младинската македонска кошаркарска репрезентација денеска ќе го одигра првиот пријателски натпревар во рамките на подготовките за настап на Европското првенство (дивизија Б).
Противник на избраниците на селекторот Дарко Радуловиќ ќе биде косовската селекција составена од играчи до 20 години.
Во текот на подготвителниот период „црвено-жолтите“ ќе одиграат пријателски натпревари против шест репрезентации.
Денешниот натпревар ќе се одигра во спортската сала во Маврово со почеток во 17 часот.
-Неколку дена по враќањето од Маврово, македонските кошаркари ќе разигруваат против врсниците од Бугарија на двомеч во Скопје (17-18 јуни). Два дена потоа КФСМ ќе организира турнир со соодветните возрасни национални селекции на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Русија (21-23 јуни) . Следат неколку дена одмор па патување за Унгарија на пријателски двомеч, а на враќање од Унгарија младинците ќе одиграат уште два натпревара, против селекцијата на Бугарија на гостински терен.
Со овие натпревари репрезентацијата до 20 години ќе ги заврши пријателските натпревари и ќе продолжи да ја темпира формата во Скопје се до 10 јули односно до заминувањето за Европското првенство (дивизија Б) кое ќе се одигра во Португалија, објави КФСМ.
Во рамки на групата Д, нашите репрезентативци ќе разигруваат со домаќинот Португалија, со Луксембург, Белгија и со Словачка. зс/