Утрински Весник
Македонија

Кумуцакос: Постои хипокризија од ЕУ

Кумуцакос: Постои хипокризија од ЕУ

Атина, 19 јуни 2019 (/) – Хипокризија од ЕУ е прво да ја притиска Грција за штетниот Договор од Преспа, а сега да вели не одиме напред со интегративниот процес, вели одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, во однос на вчерашните заклучоци за Северна Македонија на Советот на министри на ЕУ, коментирајќи дека тоа го задира кредибилитетот на Унијата.

Како што јавува дописничката на / од Атина, Кумуцакос говорејќи во дебатна емисија на грчката телевизија ЕРТ, додава дека постојат држави што реагираат и не сакаат Скопје да започне пристапни преговори.

-Овде постои хипокризија, бидејќи Европската унија која ја притискаше Грција за да се постигне овој компромис – штетен според мислењето на Нова демократија и на мнозинството од грчкиот народ – толку многу притискаше за брзо да одат работите, и иако се постигна, сега вели не одиме напред со интегративниот процес и ова е едно прашање што уште еднаш го задира кредибилитетот на Унијата. Јас сум против тоа да ги издигнеме очекувањата за државите од Балканот и потоа да се појави незадоволство, бидејќи ова води кон одново појавување на национализмот и тоа е погрешно, објасни надлежниот за надворешна политика во Нова демократија.

Говорејќи за Договорот од Преспа и за тоа дали Нова демократија ќе го почитува, Кумуцакос рече дека одлуките од претходната влада ја обврзуваат земјата и објасни дека за Грција исто како и во односите со Турција, најважно е почитувањето на меѓународното право и меѓународните договори.

-Претходно дискутиравме за Турција, целата наша дискусија се базираше на еден основен факт дека за Грција приоритет е почитување на меѓународното право и меѓународните договори. Грција нема можност и ова е долгогодишна позиција и позиција на сите партии, Грција нема можност да направи било што, што ќе ја оспори оваа нејзина фундаментална позиција. И кон Турција која ја обвинуваме за ревизионизам, нема да можеме да го правиме тоа, ако не се придржуваме кон обврските кои погрешно ги презеде претходната влада, но ја обврзуваат земјата. И секако еднострано поништување би можело да доведе до соодветно поништување од другата страна, а според тоа потрага по име кое веројатно може да биде само Македонија, без да го имаме оружјето за да не влезат во НАТО. Според тоа работите се јасни, без популизам, искрено, оваа е позицијата, објасни Кумуцакос.

Пратеникот и надлежен за надворешна политика во Нова демократија, во дебатната емисија на ЕРТ, го повтори ставот на партијата дека Грција како член на ЕУ на никој начин и никогаш нема да отстапи од правото на вето „ако работите што се однесуваат на северниот сосед во Европската унија не ги задоволуваат грчките национални интереси“. ср/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Пешевска: Да се зголеми додатокот за минимална помош преку МТСП

Ковачевски: Да се обединиме за европска иднина за стремежот за европска Македонија

СДСМ: Мицкоски конструктивноста да ја покаже во Собранието, подаваме рака за сите кои работат за граѓаните