Утрински Весник
Македонија

Кумановскиот Црвен крст додели благодарници на повеќекратните крводарители 

Кумановскиот Црвен крст додели благодарници на повеќекратните крводарители 

Куманово, 13 јуни 2019 (/) – По повод 14 јуни, Светскиот ден на крводарителите денеска во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово општинската организација на Црвениот крст организираше свечена академија на која надлежните од организацијата доделија признанија на повеќекратните крводарители.

Пред присутните се обрати претседателот на организацијата доктор Нухи Јусуфи, кој истакна дека ова е начин да им се оддаде признание на сите лица кои несебично ја докажуваат својата хуманост.

– Денеска вообичаено се собираме и ги сумираме резултатите од минатата година, дали имаме напредок во крводарувањето, што сме направиле. Ако споредиме со минатата година, годинава имаме за околу пет проценти повеќе крводарувања. Околу 2.900 крводарувања имавме минатата година, што е за позддравување ако се земе предвид дека има миграција на населението, изјави Јусуфи.

Славе Димитриевски, повеќекратен крводарител ги повика граѓаните да даруваат, додавајќи дека крводарувањето е корисно за здравјето. Неговото мислење го дели и Спиро Милошевски, кој ги повика кумановци почесто да даруваат и на тој начин да покажат хуманост и одговорност во заедницата.

На 14 јуни традиционално ширум светот се одбележува Светскиот ден на крводарителството. Настаните кои се организираат имаат за цел да ја зголемат колективната и индивидуалната свест  за неопходноста од безбедна крв и крвни продукти.

Од самото формирање во 1945-та година, досега, Црвениот крст Куманово реализира бројни активности на планот на социјалната и здравствената хуманитарно-воспитна дејност. ам/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

124 казни за брзо возење на територија на СВР Битола

Маја Морачанин повторно избрана за претседател на ДОМ

Утре наутро блокада на крстосницата кај „Мавровка“