Утрински Весник
Македонија

Конференција: Потребна е нова Стратегија за развој на волонтерството

Конференција: Потребна е нова Стратегија за развој на волонтерството

Скопје, 21 јуни 2019 (/) – Дури 76 отсто од младите во државава не волонтирале никогаш, според наодите од Индексот за младински развој. Мора да се направат промени за да се мотивираат младите да волонтираат, па макар и да се слушне нивниот глас за одредени прашања што нив ги засегаат, вели Зоран Илиески од Коалицијата на младински организации „СЕГА“ на денешната Конференција за предизвиците од практикување на волонтирање во заедницата во Скопје.

Илиески појасни дека волонтерството меѓу другото е и можност за стекнување на вештини и знаења и способности, и дека со практикување и применување на волонтерството младите луѓе ќе станат посамостојни, ќе имаат поголеми вештини и знаења и многу побрзо ќе се интегрираат на пазарот на трудот.

Според него, главната причиниа зошто младите не волонтираат е во нивната недоверба во волонтерството како можност за нивно надоградување и лични придобивки, а како што рече, дури и оние кои волонтирале, тоа го правеле со надеж за вработување и со тоа се губи основната цел на волонтерството.

– Волонтерството им помага на младите луѓе да се стекнат со практики, вештини и знаења, да станат самостојни и многу побрзо да се интегрираат на пазарот на трудот. Токму затоа, државата треба да преземе конкретни мерки и механизми за верификација на волонтерството. Денеска ќе се обидеме да подготвиме нова Стратегија за волонтерство и адекватно на тоа да се направат измени и дополнување на Законот за волонтерство доколку има потреба, и да се промовира волонтерството како добра алатка за побрза социјална интеграција на младит, рече тој.

Никица Кусиникова од Здружението „КОНЕКТ“ додаде дека Законот за волонтерство сам по себе е корисен, соодветствува на потребите и во голем дел ја исполнува својата функција, но тој во праксата не се применува соодветно.

– Многу и од организаторите на волонтерска работа и самите волонтери не се запознаени доволно со Законот или погрешно ги толкуваат неговите одредби и ставаат препреки таму каде што Законот не ги поставува. Во таа насока, гледаме дека има толкување кое што излегува надвор од принципот на доброволност, односно дека на своја волја волонтирам, гледаме тенденција во голем дел луѓето да одат да волонтираат затоа што се приморани, затоа што им треба работа и сметаат дека волонтерството ќе им биде прв чекор до работа, истакна Кусиникова.

Појасни дека има големи недоразбирања во надоместокот, односно вели дека волонтерот не може да добие надоместок, туку тој самиот треба доброволно да придонесува со своето време, знаење и искуство и тоа да го вложува во доброто на заедницата за да се решат општестевните проблеми, да се подобри животот на луѓето и на тој начин да се креира општество базирано на хуманост на солидарност.

– Стратегијата за волонтерството веќе е истечена, денеска ќе дискутираме за правење нова Стратегија, меѓутоа државата мора да вложи ресурси, финансиски средства, за да га поттикне волонтирањето. Образовните институции мора исто така да си ја понесат својата одговорност. Стратегијата вклучува и мерки како преку образованието да се поттикнува волонтирањето, но тие не се случуваат во пракса. бт/са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Груби: На Али Ахмети му треба народот, на народот му треба Али Ахмети

Пратениците изгласаа продолжување на кризните состојби заради недостиг на електрична и топлинска енергија

Млада скопјанка пронајдена почината во својот дом