Утрински Весник
Македонија

Компанија од Чешка ќе го модернизира осветлувањето во Куманово

Компанија од Чешка ќе го модернизира осветлувањето во Куманово

Куманово, 8 јули 2019 (Утрински Весник) – Чешката компанија „ИЦС системи“ ќе биде задолжена за модернизација на јавното осветлување на Куманово. Одлуката за избор на најповолна понуда за воспоставување на јавно-приватно партнерство за осветлувањето во градот ја изгласаа советниците на општина Куманово на денешното продолжение на  29-тата седница.

Компанијата во наредните 10 години треба да вложи 4,7 милиони евра во опремата и системот.

На тендерот се јавиле две компании.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски рече дека би бил задоволен уште лани да било воспоставено вакво партнерство, зашто потенцираше, оваа фирма ќе биде задолжена да врати 20 проценти од средства што се уплаќаат по основ на комунална такса и дополнителни два процента на годишно ниво за нови инвестиции.

Тој рече дека истата компанија се грижи за осветлувањето во Охрид.

-Овој партнер презема обврска да ја промени инсталацијата, да постави нови броила за отчитување на електрични броила, да врши целосна услуга на општината кон граѓаните во делот на техничко одржување. По потпишување на договорот секој столб ќе биде одбележан со сериски број на кој ќе има телефон за пријавување на дефекти и минимум од 24 до 48 часа во градот, а во руралните средини  до 72  часа да биде заменета таа сијалица, да биде отстранет дефектот, а општината само ќе врши надзор дали партнерот во целост ја извршува својата работа, рече Димитриевски.

Доколку некој од партнерите не се придржува до договорот, тогаш тој ќе се раскине. Димитриевски образложувајќи пред советниците рече дека со години не е вложено во инсталацијата и дека често се случуваат дефекти на осветлувањето во поедини делови од градот.

Кумановскиот градоначалник рече дека размислува за воведување јавно приватно партнерство и во други аспекти, со цел да се направат заштеди и средствата да се вложат во други проекти за развој на градот.ам/скс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Списоците на корисници на финансиска поддршка објавени на веб страната на Министерството за труд и социјална политика

Маричиќ: Со политичка волја и конкретни чекори од ЕУ, интеграција на регионот е реална

Герасимовски: Со здравата и правилна исхрана ги поттикнуваме здравите навики кај децата