Утрински Весник
Бизнис

Колку се почитуваат препораките за работа на отворено

Колку се почитуваат препораките за работа на отворено

Скопје, 4  јули 2019 (/) – Летото е период кога честопати поради високите температури и зголеменото УВ зрачење се препорачува да не се излегува на отворено од 11 до 17 часот, да се конзумира многу вода и лесна храна и да се престојува во климатизирани простории.

Поради топлотниот бран што ја зафати нашата држава, прогласена е жолта алертна фаза во која важат препораките за сите граѓани од топлото време. Доколку се прогласи портокалова фаза тогаш на сила стапуваат препораките кои вклучуваат да не одат на работа бремените жени и хронично болните и да не се работи на отворено во одредени временски период.

Сепак, со оглед на топлотниот бран што ја зафати државата и надминувањето на температурите над 35-тиот степен, од синдикатите бараат веднаш да биде донесена одлука за прогласување на вонредни услови со цел заштита на специфичните категории на работници како што се бремените жени, повозрасните работници и оние кои работат на отворено.

– Со оглед дека временските услови се неповолни за работа на отворено, како и во неклиматизирани простории, ставот на ССМ е од страна на Владата на Република Северна Македонија веднаш да биде донесена одлука за прогласување на вонредни услови, со цел заштита на специфичните категории на работници меѓу кои бремени жени, повозрасни работници, како и работници кои работат на отворено или во специфични услови. Потребата од итно носење на ваква одлука произлегува од фактот што препораките немаат обврзувачка сила, а при тоа потребно е да се зголемат контролите на Државниот инспекторат за труд, со оглед дека само мал број на работодавачи постапуваат за заштита на работниците од временските неприлики, велат за / од Сојузот на синдикати на Македонија.

Најзасегнати се градежните работници кои работат на отворено. Затоа, од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП бараат работниците да не се изложуваат на отворено, под директно сончево зрачење од 11 до 17 часот.

– Согласно Акциониот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението и мерките за Безбедност и здравје при работа, укажуваме дека работодавачите од целата држава треба да ги почитуваат општите препораки за заштита на работниците од високите температури како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11-17 часот, консумирање повеќе течности и хигиенски начин на подготовка на храната, истакнуваат од Синдикатот на СГИП.

Ваквото барање, како што информираа, го доставиле до Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд и Органзиацијата на работодавачи.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија во изјава за / велат дека писмото од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање го препратиле до нивните членки и оти како ОРМ може да реагираат кај нивните членки, но, проблем се подизведувачите на градежни работи кои не ги почитуваат ваквите препораки.

– Во компаниите и фабриките согласно Законот за заштита и безбедност при работа мора се почитуваат одредбите така што просториите каде работат вработените се климатизирани бидејќи во спротивно следуваат санкции. Проблем се градежништвото и земјоделството. Ние, како ОРМ ја испративме препораката од СГИП до сите наши членки. Можеме да интервенираме кај нашите членки, но не и кај подизведувачите, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

И синдикатите и работодавачите се согласни дека е потребно да се засилат контролите на Државниот трудов инспекторат.

Од Државниот инспекторат за труд посочуваат дека прават засилени контроли, особено во текстилната индустрија и во градежништвото.

– Имаме засилени контроли. Ресурсите со кои располагаме во моментот одат на терен, прво се даваат опомени за да се преструктуира работното време и да се обезбедат доволно течности за работниците. Доколку не се почитуваат препораките, се дава забрана за работа, велат од Државниот инспекторат за труд.

Со топлотниот бран што ја зафати државата живата во термометарот се искачи и над 35-тиот степен, а според најавата на синоптичарите, ќе продолжи топлото време и во првите денови од следната недела. Во следните неколку дена во попладневните часови можна е појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.

Билјана Анастасова – Костиќ

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

(Видео) Вонредна прес-конференција на Ковачевски: Парно ќе има, училиштата ќе бидат на регулираниот пазар

И поглаварот на МПЦ повика на штедење на електричната енергија

Андонов: Ако не се постигне договор со „Адора“ за топланите, решението ќе се бара во Законот за управување со кризи