Утрински Весник
Македонија

Интернационален скулпторски симпозиум за мермер на Прилепското уметничко лето

Интернационален скулпторски симпозиум за мермер на Прилепското уметничко лето

Прилеп, 4 јули 2019 (Утрински Весник) – Околу 25 уметници, сликари и скулптори од земајва и од светот почнаа да ги создаваат своите дела во рамки на четирите работилници на Центарот за современа ликовна ументост од Прилеп со што го означија почетокот на Прилепското уметничко лето.

Уметниците своите дела ги создаваат на Интернационална сликарска колонија, на 56.Интернационален скулпторски симпозиум за мермер „Мермер“, Интернационално студио за пластика во дрво и на Интернационално ателје за скулптура во метал  што со децении работат во  Центарот за современа ликовна уметност во Прилеп.

 Посебен акцент годинава ќе биде ставен на 35годишното опстојување на Интернационалното ателје за  скулптура во метал кое со работа  почнало во 1984 година и трае до денес.

Работата на уметниците, пред сѐ, на симпозиумот за мермер во кругот на прилепскиот Мермерски комбинат, која почна, денеска ја поддржаа и ја посетија првите луѓе од компанијата Мармерски комбинат и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

Според Јованоски, Прилеп е еден од ретките градови кои располагаат со импозантна збирка на скулптури, од преку 200, и се поставени на различни локации во градот.

-Уметниците кои ќе ги создаваат своите дела во рамките на овој симпозиум, ќе ги остават делата во Прилеп и тие ќе бидат дел од постојната збирка на скулптури, рече Јованоски.

 Од прилепскиот мермерски комбинат ја нагласуваат поддршката за уметниците и за безвременото творештво.

-Долгогодишна е соработката помеѓу Мермерниот комбинат и Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп, како и спојот на индустријата и на културата преку создавањето на уметничките дела. Им посакувам добредојде на уметниците Каролина Палмера од Аргентина и Албулен Незири од Косово, а нашата соработка ќе ја продолжиме и во иднина, изјави извршниот директор на Мермерниот комбинат, Василис Анагносту.

Скулпторите Каролина Палмера од Аргентина и Албулен Незири од Косово првпат учрествуваат во Скупторскиот симпозиум во мермер.

– Доаѓам од Аргентина. Дојдов да го создадам моето дело, скулптура во мермер. Тука ќе бидам 11 дена. Првпат сум тука, сите луѓе се многу љубезни и сакаат да помогнат. Одлично е организирано. Среќна сум што сум тука и се чувствувам комотно и инспирирано, ни изјави Палмера.

– Доаѓам од Косово. И јас сум првпат тука. Задоволство ми е што сум тука. Одлична е работата во симпозиумот. Запознав нови ументици, создадов нови контакти, рече скупторот Незири.

Според Горан Ристески, претседател на Центарот за современа ликовна уметност, дел од скулптурите ќе го красат центаралното градско подрачје на Прилеп.

-И менаџментот на Мермерскиот комбинат и прилепскиот градоначалник Јованоски овозможија и оваа година двајца уметници да остават две скулптури кои ќе го красат централното градско подрачје. ЦСЛУ ќе се труди секоја година да го зголемува бројот на учесниците во Интернационалниот скулпторски симпозиум „Мермер“ и да ја збогатуваат збирката на дела, рече Ристески.

Покрај скулпторите од Аргентина и од Косово, оваа година на работилниците кои ги организира Центарот за современа ликовна уметност, учествуваат и уметници од Бугарија, Србија, Полска, Шпанија, Канада, Русија и од Македонија. ем/хс/


Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петровска ги посети војниците кои се дел од силите на НАТО во Бугарија

Министерот за внатрешни е против законот за амнестија

Ковачевски во посета на Дојран