Утрински Весник
Македонија

Заев ги повика Мицкоски, Ахмети и Села на лидерска средба (ДПЛ)

Заев ги повика Мицкоски, Ахмети и Села на лидерска средба (ДПЛ)

Скопје, 15 јули 2019 (Утрински Весник) – Премиерот Зоран Заев денеска повика на одржување лидерска средба в петок во 14 часот во Клубот на пратениците.

Поканата е упатена до лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети и на Алијансата за Албанците Зијадин Села. На лидерската средба, како што посочи Заев, би се разговарало за нов Изборен законик и изборен модел, за законот за јавно обвинителство односно решавање на статусот на СЈО и за пописот.

Заев не исклучува да се разговара и за други теми, меѓу кои и за предвремени избори, на што инсистира опозицијата, но вели, иако влаедајчката партија е подготвена за избори, предност во моментот треба да има евроинтеграцијата и развојот на државата и економијата.

– Иако извештајот на Европската комисија е одличен не треба да застанеме со работа и треба да дадеме се за да дадеме уште повеќе аргументи за позитивната одлука во октомври, но најмногу од се тоа им го должиме на граѓаните, односно е наша заедничка политичка одлука пред нашите граѓани, рече Заев, додавајќи дека претстои кус период и оти она што лидерите го декларираат како сопствен и партиски стратешки приоритет да го потврдат на дело и реално.

На средбата, како што рече, очекува лидерите да се фокусираат на создавање услови за последниот исчекор за старт на преговорите и од неа да произлезат предлози за Акциски план и работни групи во кои би учествувале претставници од сите парламентарни групи со кои ќе има разговори.

Во врска со темите, нивен предлог е партиите да се обединат околу нов Изборен законик, кој треба навреме да се почне без притисок од скори избори. – Да си поставиме за цел до следните избори да обезбедиме легислатива прифатлива за сите со вградени препораки од ОДИХР, а ќе разговараме секако и за нов изборен модел, рече Заев.

Во однос законот за јавното обвинителство, премиерот рече дека тој би требало да се затвори со највисок степен на согласност.

– Предолго траат разговорите, време е за договор во корист на правната држава и владеење на правото. Во оваа насока клучно е да се обезбеди јавнообвинителскиот систем на државата, иднината на Специјалното јавно обвинителство и унапредување на правната држава и владеење на правото, рече Заев.

За пописот неговите заложби се лидерите да постигнат консензус и да се обврзат дека ќе биде спроведен успешен попис како строго професионално статистичка операција спроведена од Државниот завод за статистика.

– Успешниот попис ќе ни ги отвори сите перспективи за прецизно проектирање на економските, но и на севкупните политики во државата, рече Заев.

Затворањето на овие теми, според него, ќе значи заокружување реформите во делот на европските интеграции со кои ќе се претставиме наесен како земја која ги затворила сите прашања за добивање на ветениот датум за старт на преговорите.

– Никому да не му дадеме аргумент да биде против, да биде резервиран или слично, рече премиерот.

Во однос на барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори, Заев рече дека останува на ставот дека треба да се оди на редовни избори, освен ако нема некои сериозни аргументи.

– И ние сме подготвени за предвремени избори напролет, наесен или кога било, но пред се е одгвороноста кон државата, секогаш сме стоеле на ставот дека да треба да и дадеме шанса на економијата по сериозни политички одлуки. Останувам на ставот дека треба да одиме на редовни избори. Брзи избори, предвремени избори видовме до каде ја донесоа државата заради политички калкулации. Ако одиме на избори оваа есен, ќе остане истата Влада од прилика со истите партиципиенти. Што ќе направиме овој драгоцен неповторлив период за македонската економија ќе го унаказиме, ќе го уништиме, рече Заев.

Редовните избори се декември 2020 година. – Јас немам проблем да разговарам можеби за октомври, декември беа изнудени заради политичката криза. Можеби не треба да одиме на избори во зима, вели Заев. Според него, тој и Мицкоски имаат обврска да зборуваат за Изборниот законик, за кој кажале дека ќе се навратат на овој изборен документ, но и да се разговара за изборниот модел за што веќе се зборува во јавноста.

Релациите со ДУИ, според Заев, се одлични, но нема договор меѓу нив за прашањата што ги предложи за лидерската средба, ниту пак за избори во октомври, што исто така како термин беше споменат минатата недела од ДУИ. Тој рече дека до средината на јули со ДУИ ќе биде постигнат консензус за кадровските решенија во извршната власт.

Премиерот и лидер на СДСМ, како што нагласи, верува дека лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ќе дојде на лидерската средба во петок. ев/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Груби: На Али Ахмети му треба народот, на народот му треба Али Ахмети

Пратениците изгласаа продолжување на кризните состојби заради недостиг на електрична и топлинска енергија

Млада скопјанка пронајдена почината во својот дом