Утрински Весник
Македонија

Заев-Бернс: Северна Македонија останува стабилен стратешки парнер на САД

Заев-Бернс: Северна Македонија останува стабилен стратешки парнер на САД

Скопје, 12 јули2019 (Утрински Весник) – Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска ја прими новоименуваната амбасадорка на САД во земјава, Кејт Мари Бернс. Двајцата соговорници, како што соопшти владината прес-служба, се согласија дека Северна Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД, фокусиран на заедничките заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот, како и на заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани  кон мирот во светот.

Премиерот Заев, стои во соопштението, и посака добредојде и успешен мандат на амбасадорката Бернс во Северна Македонија и изрази благодарност за одличната работа на претходниот американски амбасадор Џес Бејли и заменик шефот на мисијата, Микаела Швајцер Блум.

Премиерот Заев како долгорочен интерес на земјата го издвои натамошното интензивирање на билатералната политичка и економска соработка со САД, како и посветеноста на реформската ЕУ агенда за достигнување конкретни резултати во областа на владеењето на правото, антикорупцијата, реформите во безбедноста и јавната администрација.

На средбата е изразена подготвеност за прифаќање на обврските кои произлегуваат од полноправното членство во НАТО до крајот на 2019 година и почетокот на 2020 година, како што е, се наведува, зголемувањето на БДП од 0,2 отсто годишно на два отсто до 2024 година, модернизација на армиските капацитети и зголемување на учеството во заеднички мисии. Амбасадорката Бернс на средбата рече дека Соединетите Држави со нетрпение очекуваат во наредните месеци да и посакаат добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, и додаде дека ќе ги вложи своите капацитети и досегашно искуство за да продолжи успешно економската и политичката соработка меѓу САД и Република Северна Македонија.скс/вг/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Претрес во Битола, пронајдена дрога, приведен дилер

ВМРО-ДПМНЕ: Дали компанија од соларниот картел на Ковачевски со државна помош гради фабрика за панели кои потоа ќе ги продава на ФЕЦ Осломеј

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да ги деблокира законите за енергетика и за помош во време на криза