Утрински Весник
Бизнис

Завршна конференција на проектот за„Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“

Завршна конференција на проектот за„Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“

Скопје, 27 јуни 2019 (/) – Унапредување и усогласување на правната рамка и методологија на системот за борба против фалсификувањето на еврото, развој на административниот капацитет на институциите вклучени во борбата против фалсификување на еврото и интеграција на базата на податоци и ИТ-системот што се користат за борба против фалсификувањето на еврото, се резултатите од твининг проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“, финансиран од Европската Унија во Скопје.

Проектот, како што беше истакнато на денешната завршната конференција, траеше осум месеци, со буџет од 250.000 евра, а го спроведуваа Народната банка на Република Северна Македонија, Министерството за внатрешни работи, и Централната банка на Германија. Спроведувањето на проектот беше поддржано и од централните банки на Хрватска и Австрија.

Севкупната цел на овој твининг проект на ЕУ беше поддршка на воспоставувањето стабилен и ефикасен систем за заштита на финансискиот интерес на ЕУ и националниот финансиски интерес, како и ефективно следење на фалсификувањето. Проектот опфати анализа на функционирањето на системот за борба против фалсификувањето банкноти и монети, идентификување на проблемите и препораки за нивно разрешување.

Проектот, како што беше посочено, придонесе за зајакнување на соработката меѓу релевантните домашни и странски институции вклучени во системот за борба против фалсификувањето пари.

На церемонијата по повод завршувањето на проектот, на присутните им се обратија државниот советник во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Вeтон Кранлиевски, директорката на Дирекцијата за трезорско работење на Народната банка, Соња Каневче, шефот на Одделот за економија, градење на институциите и прекугранична соработка при Делегацијата на Европската Унија, Фрек Јанмат и постојаниот претставник на Сојузна Република Германија при германската амбасада во Скопје, Ото Граф.

Проектниот лидер од земјата-корисник, Билјана Целеска-Аневска и проектниот лидер од земјата-членка, Питер Шпика ги презентираа реализираните цели и активностите, како и резултатите од проектот. 

На завршната конференција беше промовиран и едукативно-информативен спот за заштитните карактеристики на банкнотите со коишто граѓаните треба да бидат запознаени. дма/сд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Германска компанија го тужи „Гаспром“ затоа што не ги испорача договорените количини гас

ЕСМ и Скопје Север потпишаа Договор, ќе продолжи испораката на греење во општините Чаир и Бутел

Нoва Opel Astra Electric: Бестселерот од компактна класа станува целосно електричен