Утрински Весник
Македонија

Завршна конференција за следење на судските реформи

Завршна конференција за следење на судските реформи

Скопје, 28 јуни 2019 (/) – Граѓанските здруженија од БЛУПРИНТ групата за реформи во правосудството денеска организираа завршна конференција од проектот „ЗА ПРАВДА“ – заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување.

Оливер Ристовски, заменик министер за правда изјави дека преку спроведувањето на реформите во сите области од сферата на судството ќе бидеме еволуирани на нашиот пат за интегрирање во Европската Унија.

– Владеењето на правото во најголема мера зависи од независноста на судството. Токму затоа нашиот акцент во реформите во оваа област го ставаме врз креирањето на законите, односно законската рамка за целосно гарантирање на зависноста на судството. Со донесените закони во изминатиот период создадовме и предуслови за зголемување на професионалноста на судиите и воедно и за јакнење на транспарентноста на правосудните институции, рече Ристовски.

Тој нагласи дека креирале и систем за одговорност за членовите на Судскиот совет, додавајќи дека одредбите целосно ги усогласиле со меѓународните стандарди во оваа област.

Професорот и претседател на Хелсиншки комитет за човекови права Гордан Калајџиев нагласи дека новиот закон за Јавно обвинителство не може да го реши проблемот со запрените истраги за корупција и криминал на поранешни високи функционери, бидејќи не може наназад да уреди дали некои истраги треба да продолжат.

– Едно решение за проблемот и своја визија даде Врховниот суд, со кое очигледно не се согласува обвинителството, чека некое латентно толкување. А еве вие кажете ми кој би можел да даде толкување за овој закон, кој практично е и дел од Пржинскиот договор? Такви оригинални ликови коишто би учествувале, т.е. да ја знаат идејата на тој спорен член 22, во моментов нема. Такви изјави дадоа само Ванхојте, па и самиот премиер, врзано дека тој рок од 18 месеци бил предмет на договор, кој во тој момент беше јасен. Беше јасен и според постапувањето на СЈО. Тие брзаа со доставување на предметите, па после тоа настапи затишје, рече тој.

Проектот „ЗА ПРАВДА“ е заедничка акција на шест граѓански здруженија – Хелсиншки комитет за човекови права како носител на проектот, Институт за човекови права, Институт за европска политика, Здружение на млади правници, Коалиција Сите за правично судење, Центар за правни истражувања и анализи како партнери, финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија.фф/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Приведен прилепчанец, украл трактор кој подоцна му бил вратен на сопственикот

Приведен битолчанец, кај него биле пронајдени 14 пакувања хероин

МНР го осуди говорот на омраза на натпреварот Македонија-Бугарија