Гевгелија,9 јули 2019 (Утрински Весник) – Гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков престојуваше во Миравци каде во образовните установи беа реализирани неколку зафати за подобрување на условите за престој и изведување настава.
-Детската градинка конечно ја обезбедивме со 75 метри ограда и целосно го осветливме нејзиниот двор во кој до неодамна се собираа несовесни лица. Наскоро дворот и хортикултурно ќе го уредиме и ќе поставиме урбана опрема за детски игри, рече директорката на ЈОУДГ „Детска радост“ Елизабета Стефановска.
Покрај детската градинка, Поцков го посети и основното училиште „Климент Охридски“ каде од директорката Марија Костадинова беше информиран за реализираните зафати за подобрување на следењето на настава.
-Миравци е пример дека настојуваме континуирано да ги подобруваме условите во сите образовни институции. Минатата година занималните во сите шест градинки во општината беа опремени со нови масички, столчиња и креветчиња, беа обновени кујните, беа набавени ЛЦД проектори, компјутери и камери за видео надзор, а училишниот распуст ќе го искористиме за натамошно подобрување на условите за престој на децата во градинките и за следење на наставата во училиштата, рече Поцков. им/сст/