Утрински Весник
Македонија

Животот во делчевското село Град, некогаш и сега

Животот во делчевското село Град, некогаш и сега

Делчево, 10 јули 2019 (Утрински Весник) – Жителите на село Град го слават својот соборен ден Духовден. Пред една од двете продавници во селото ги затекнавме пензионерите Драган Стоичов и Борис Ангеловски кои, криејки се од горештините, решија да разврзат муабет за тоа како се правеле соборите некогаш, што му недостига на селото и да позборуваат за многу други работи што ги мачат или што сакаат да ги споделат за да им олесни.
– Јас сум Борис Ангелов. Можам да кажам дека и порано соборниот ден го правевме како и сега. Но, сега гости има слабо, ниту некој оди, ниту некој доаѓа. Селото се испразни, останавме само старите, некој со бастун, некој со патерици, и тоа е тоа, вели Ангеловски.
Во селото, како што истакна пензионерот Драган Стоичов, има околу 350 луѓе, но сепак рече дека точниот број жители треба дополнително да се утврди. Најголем дел од нив, како што додава, се иселени во Делчево, но најмногу, како и на многу други места, ги има во странство.
– Порано кога имаше соборен ден тука по две музики доаѓаа и се тераше визита по селото. Ама имаше и многу луѓе, додека сега во последно време гледам народот е многу разединет. Затоа на соборите сега одат само луѓе кои се свои, одат како на гости, нешто со јадење, нешто со пиење, ќе падне муабет и секој си оди од каде што дошол. Не се собираат како на некогашните соборни денови, вели Стоичов.
Селскиот дом, каде што порано се собираа младите, одамна е продаден, поради што и оние млади што ги има во селото нема веќе каде да се собираат, додава Стоичов.
– Баш пред некој ден, околу петмина млади беа кај мене на гости и се прашуваа што да прават, каде да се соберат и да ги пречекаат гостите кои ќе дојдат за време на соборниот ден, поточно каде да организираат забава што овде се нарекува игранка. Предложив да се соберат во едно место, кое порано беше сушница, но сопственикот вели многу имало за чистење во објектот. На времето имаше игранки, се плаќаа влезници и беше многу убаво, не само во село Град и во другите села кога одев, вели Стоичов.
Стоичов, кој долги години бил по странство, прозбори и за животот во странство, вели дека младите си одат од државата заради личен интерес.
– Сум слушал на телевизија, ја напаѓаат Бугарија оти дава бугарски пасоши, а велат на мала рака има околу 300 илјади со бугарски пасоши, така ми кажале тие кои им посредуваат. Тие 300 илјади денес да се овде, ајде кажете ми што ќе работат. Има млади луѓе што завршиле факултет, високо образование и мора да учат друга професија таму. Големи слабости има овде, во споредба со Швајцарија. Јас долго време сум бил таму и доста ги знам тамошните закони, но ќе кажам едно, нашиот човек е работлив, но во сите држави во кои сум бил, Австрија, Швајцарија, Белгија, еднаш неделно излегува весник, во кој од А до Ш има цена за секој земјоделски производ по која цена се откупува. Кај нас тоа го нема, еве на пример како што беше лани, со тони и тони имаше слива, а народот ем работеше, ги ораше, ги прскаше, за тоа пари даваше, но ништо не се презедоа мерки. Е, сега кажете како да не одат во странство. Во странство, колку имаш стаж, толку е, и тоа што си го заработил, ти го даваат, вели Стоичов.
Борис Ангеловски кој, исто така, е пензионер, вели дека основна дејност во селото е одгледувањето сина слива, која годинава дел измрзнала, а дел поради сушата не родила. Во селото, како што додава, се намалил и бројот на луѓе кои одгледуваат домашни животни.
– Овде населението се занимава најмногу со одгледување слива. Но, сливите оваа година измрзнаа, не дека само измрзнаа, туку имаше и суша, оти кога дрво треба да ти роди, треба да има доволно вода, ако го береме, треба да го наводнуваме. Сливите цветаа, но немаа род. Со одгледување крави, има уште некаде 4 семејства кои се занимаваат со сточарство. Моите внуци имаат некаде околу 40 крави и уште неколку семејства имаат по пет-шест крави, вели Ангеловски.
Стоичов својот разговор го заврши со тоа како решил од Швајцарија повторно да се врати дома.
– Кога заминав во 1967 година во Швајцарија и работев ниска граѓевина, забележав ниски цени на становите во градот, што би рекле за џабе. Сите беа убави, наместени и го прашувам шефот зошто толку овде становите се евтини и убави за живеење. Тој рече, кој има пари тука не живее, тој оди настрана од градот на некое мирно место. И јас така воден од тие зборови, поминав две илјади километри да си дојдам пак дома, раскажува Стоичов.
Еден од најголемите проблеми што го посочија двајцата пензионери е немањето лекар во селото. Пред десетина и повеќе години имало лекар, ама одамна, како што велат, бил укинат и сега оној кој прима инјекции или има потреба од заболекар секој ден треба да одвои по 300 денари за патни трошоци.
Заблагодарувајќи им се за разговорот, пензионерите Драган Стоичов и Борис Ангеловски останаа пред селската продавница да се сеќаваат на времињата кога биле помлади и кога соборниот ден се славел со повеќе луѓе, кои сега, за жал, се иселени далеку од дома.
Валери Спасевски

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Театар во Град Скопје: Арсовска тераше инат со Славески и не се тргаше од говорницата

Алијанса за Албанците со предлози за ублажување на енергетската криза

Петровска: Ја повикувам Комисијата за одбрана одблиску да го следи спроведувањето на огласот за прием на професионални војници