Кавадарци, 2 јули 2019 (Утрински Весник) – Меморандум за соработка потпишаа денеска Екектро-машинското училиште од Кавадарци и МЕПСО.
Директорот на училиштето Драги Ташев посочи дека Електро-машинскиот училишен центар „Киро Спанџов-Брко“ е прво училиште кое учествува во проектот за дуално образование. Тој проект, како што рече, значи зголемена соработка со компаниите, а во тој правец е и овој меморандум.
– Според ова образование практичната настава треба да се изведува во компании. Заедничка желба на училиштето и компанијата е наши ученици таму да одат на пракса, рече Ташев.
Меморандумот значи и изведување на заеднички проекти, како и обука на наставници од страна на стручни лица од МЕПСО. Директорот изрази надеж дека и вработени во компанијата ќе учествуваат во предавањата во училиштето. Изрази благодарност за пријавениот интерес за соработка.
Директорот на МЕПСО, Сашо Василевски исто така изрази задоволство од соработката. Рече дека енергетичарите во компанијата знаеле да кажат дека срцето на МЕПСО е токму во Дуброво, близу до Кавадарци. Нагласи дека е ова поттик за младите деца, да се запишуваат во ваков вид на училишта, кои обезбедуваат сигурен работен век во иднина. Дека напредокот во денешно време, бара токму такви капацитети. Информираше дека вакви меморандуми за соработка имаат уште со шест училишта. Соопшти дека сериозно размислуваат да помагаат и во делот на донации.
– Нас како компанија ни е исклучително важно, а тоа е интерес и на државата, да добиеме квалитетен кадар во кој сме вложиле. Претходно истото го направивме и со факултетите. Пред определено време примивме 19 стручни лица и со гордост сакам да изјавам дека примивме седум деца стипендисти од МЕПСО, ЕЛЕМ и ЕВН. Со тоа дадовме придонес да не ни се одлеваат такви кадри во странство, нагласи Василевски. свд/мс/