Утрински Весник
Македонија

Елези: За поголема ефикасност и економичност јавните набавки за воена и безбедносна опрема се уредуваат со закон

Седници на две собраниски комисии

Скопје, 16 јули 2019 (Утрински Весник) – Комисијата за европски прашања денеска го усвои Предлог – закон за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста со кој првпат со закон ќе се уредуваат договорите за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, што се однесуваат на набавка на воена опрема и безбедносно-осетлива опрема.

Заменик-министерката за финансии Ширет Елези на комисиската расправа во Собрание рече дека покрај усогласување со Европската унија, носењето на овој закон ќе придонесе за заокружување на сеопфатната реформа во системот на јавни финансии, која ќе обезбеди рационално трошење на јавните средства, транспарентост и фер конкуренција.

-Воената опрема како и безбедносно – осетливата опрема е клучна за безбедноста и суверенитетот на секоја земја. Набавката на стоки, услуги и работи во одбранбениот и безбедносниот сектор е од деликатна природа, поради што се јавува потреба од поставување специфични барања што се однесуваат на безбедноста на снабдувањето и безбедноста на податоците. Така, кога договорите вклучуваат, бараат или содржат класифицирани информации, договорниот орган во тендерската документација ги наведува мерките и условите што економските оператори мораат да ги исполнат и се неопходни за гарантирање на заштитата на таквите информации, истакна Елези.

Појасни дека договорите за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, се доделуваат преку примена на ограничена постапка, постапка со преговарање со објавување оглас, постапка со преговарање без објавување оглас и конкурентен дијалог. Според Елези, Карактеристично за овие постапки е тоа што сите се одвиваат во две фази и овозможуваат да се селектираат способни економски оператори, кои во целост ги исполнуваат барањата на договорниот орган, без при тоа да се нарушат начелата на транспарентност, еднаков третман и фер конкуренција..

Елези заклучи дека со донесувањето на овој закон ќе се овозможи процесот на доделување договори за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, почнувајќи од планирањето, спроведувањето на постапките за јавни набавки, склучувањето и реализацијата  на договорите, да биде транспарентен, економичен и ефикасен од една страна, но истовремено, од друга страна, да обезбеди заштита на безбедносните интереси на државата и на информациите кои се од доверлив карактер.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев забележа дека за овој закон треба да расправа собраниската комисија за одбрана, а по однос на предложениот закон рече дека има забелешки на членот 19 во кој се регулирани праговите за кои нема да важи овој закон за кои смета дека се превисоки. Димитриев рече дека со законот се „удира“ и во транспарентноста.

-Во членот 45, став 1 е регулирана надлежноста на Бирото за јавни набавки и вршењето контрола, а овде се предлага таа контрола да не важи. Со овој потег правиме дополнителен втор удар врз Бирото каде му се ускратува можноста да врши контрола за јавни набавки во резор кој ќе прави јавни набавки со огромни суми, истакна Димитриев.

Пратеникот од опозицијата имаше забелешка и на измените во членот 4 каде е регулирана постапката за преговарање без јавен оглас, каде што е регулирано итноста на актите, односно, како што рече Димитров, постојниот закон се заобиколува и му се дававаат поголеми права на Министерството за одбрана. бк/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Груби: На Али Ахмети му треба народот, на народот му треба Али Ахмети

Пратениците изгласаа продолжување на кризните состојби заради недостиг на електрична и топлинска енергија

Млада скопјанка пронајдена почината во својот дом